КАКО СЕ ИЗГРАДИЛО СКОПЈЕ ПОСЛЕ ЗЕМЈОТРЕСОТ, СЛУШНАА ТУРИСТИТЕ НА „РУТАТА НА СОЛИДАРНОСТА“

    КАКО СЕ ИЗГРАДИЛО СКОПЈЕ ПОСЛЕ ЗЕМЈОТРЕСОТ, СЛУШНАА ТУРИСТИТЕ  НА „РУТАТА НА СОЛИДАРНОСТА“Oколу дваесетина лица, најголем број туристи, со туристичкиот автобус беа во обиколка на локациите кои биле најмногу погодени во земјотресот и новите градби кои му дадоа нов лик на Скопје после земјотресот на 26 јули 1963 (Фото: СДК.МК)

    Со туристичкиот сити автобус денеска околу дваесетина лица, најголем број туристи, беа во обиколка на локациите кои биле најмногу погодени во земјотресот и новите градби кои му дадоа нов лик на Скопје после земјотресот на 26 јули 1963.

    „Рутата на солидарноста“, која ја организира ЈСП „Турс“ во рамките на одбележувањето на 55-годишнината од катастрофата, почна од Плоштадот Македонија, местото каде што е родена Мајка Тереза. Оттаму, автобусот низ центарот на градот, покрај зградите во Градскиот ѕид, се упати кон Старата железничка станица која беше разурната во земјотресот, па кон населбата Капиштец изградена со помош на солидарноста на 87 земји кои помогнаа да се обнови Скопје. На местото каде сега се наоѓаат зградите во Капиштец до земјотресот немало ништо. Тука поминувале шините за жезезницата, и целиот простор бил ниви на кои се одгледувало овошје и зеленчук.

    Потоа, автобусот помина низ населбите Тафталиџе 1 и 2.

    Според проектот на јапонскиот архитект Кензо Танге и светската помош, Скопје после земјотресот доби нов лик; – од автобуската тура низ Скопје (Фото: СДК.МК)

    „Во овие населби со помош на светската солидарност беа изградени бараки и тој дел на Скопје беше препознатлив по нив. Сега сликата е изменета. Многу од тие бараки се куќи или згради, но ако поминете низ улиците Варшавска, Прашка, Лондонска, Осло или Хелсинки може да видите и некоја од бараките кои биле направени пред 55 години“, им раскажа на посетителите на турата туристичкиот водич, ангажиран од ЈСП„Турс“.

    Од населбата Тафталиџе автобусот помина покрај студенскиот дом „Гоце Делчев“ изграден по земјотресот, па низ булеварот Партизански одреди покрај поликлиниката „Букурешт“ и населбата Карпош 2, каде две згради биле целосно разурнати.

    „Овие блокови се градени после земјотресот. Тука после поплавата во 1962 година биле подигнати  две висококатници, но бидејќи не биле квалитетно направени биле разурнати во земјотресот и имало голем број загинати. Универзалната сала, пак, е донација на Бугарија, таа е градена спороед проект кој личи на циркусот кој во тоа време бил поставен во Софија“, раскажуваше водичот.

    Преку мостот Гоце Делчев во рутата беше претставена и зградата на Македонската опера и балет и на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Токму приказната за зградата на ССМ најмногу ги воодушеви странците. Како што раскажа туристичкиот водич, оваа зграда била највисока тогаш во Скопје, но не се урнала ниту имала оштетувања. Архитектот кој ја правел зградата бил обвинет и затворен дека потрошил многу пари за нејзината изградба и дека материјалите кои ги купувал не биле за зградата туку си ги земал за себе. Но кога после земјотресот се видело дека објектот е целосно зачуван, тој бил ослободен и награден.

    „Според проектот на јапонскиот архитект Кензо Танге и светската помош, Скопје после земјотресот доби нов лик. Стана модерен град, голем број делови кои биле неизградени прераснаа во населби и голем број граѓани се доселија во главниот град“, беше кажано на крајот од турата, која заврши пред Градскиот трговски центар, кој исто така преставува еден од најзначајните објекти изграден после земјотресот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира