1. Драгиша повторно јава. На топ. Како на Дивиот Запад, каубојски мавта со ласо и ги предводи ловците на уценети глави, потпишани на потерниците што ги издава Вељко Кадиевиќ.
Граѓанското лице на служба во СК – Движење за Југославија, прославениот кумановец Драгиша Атанасовски, на работно место – командант на војничката партија, пред неколку дена се фалеше на страниците на “Вечерње новости” дека “моментно работи на омасовување на Народниот фронт”. Вели дека се бори за мир и за зачувување на Југославија. “Меѓу другото и за помош на ЈНА при мобилизацијата, особено кога тоа го попречуваат републичките власти”. Дека станува збор за мировна организација – нема сомнение. Најдобар доказ е нејзиното име.
Најтешка задача на Народниот фронт во овој момент е како да се улови главата на претседателот на Македонија Киро Глигоров. Затоа што одбива да ги испраќа младите момчиња од републикава како топовско месо во освојувачките походи на сесрпскиот вожд. Што особено го налути генералот Кадиевиќ, бидејќи без нив “ЈНА би престанала да постои како една од последните заеднички југословенски институции”. А тој убаво си замислил и Македонија да ја задржи во остатокот од Југославија. Веројатно сé уште не се консултирал со главниот командант Милошевиќ, дали би му одговарало, како што ја избркаа Словенија, да нé избркаат и нас. Па вели дека “тоа би било крај на Југославија”. Србија ќе претрпи голема штета, ако покрај Словенија сега ќе се откаже и од Македонија.
2. Дека нема намера да се откаже, потврдува зачестеното гостување на родниот град на Драгиша на страниците на изданијата на слободниот белградски печат. “Вечерње новости” и “Слободанка експрес” секој ден мака мачат во Куманово да пронајдат некој Милан Бабиќ, Миле Мартиќ, капетан Драган… Па објавуваат разговори со ретки остатоци од “помакедончениот” српски народ во Куманово, што уште си го задржал српскиот воинствен дух. На пример, со некој одборник во кумановското собрание, кој тврди дека власта ги менува презимињата. Тој се презива – Цветковиќ. Или пак извесен Стоилковиќ, кој се претставува како претседател на Младинскиот совет на Куманово, што им порачува на граѓаните на Македонија дека со гласање “За” на референдумот ризикуваат да ги повторат страшните призори од Словенија и Хрватска.
Бидејќи “одлуката за референдум ги вознемирува Србите во Куманово и околината”, фронтот може да се отвори и тука. Оној “народниот”- на Драгиша. Па ако и покрај сите маки слободниот белградски печат не успее да исфабрикува некој Милан Бабиќ, подготвен е во негова улога на топ да дојава лично Драгиша. Наедно ќе настапи и како “капетан Драган”. Да ужива во страшните призори, кои толку многу ги посакува неговата партија.
3. За “стравотиите што ќе ја снајдат Македонија” деновиве зборуваа и неколкумина членови на југословенскиот и републичкиот одбор на СК-ДЈ, на прес-конференцијата во Скопје. Тоа што настапија како СК – Движење за обединување на Србија и Црна Гора (со уште некое проширување) е само малку изменето толкување на програмата на “југословенската” партија. Прилагодена кон новите услови.
“Словенија може да си оди, среќен ѝ пат!”, порача Гојко Груевски пред присутните новинари, така што тие си помислија дека можеби пред нив е лично Слободан Велики, преправен во член на СК – Движење за Југославија. Меѓу другото и затоа што се отепа од фалење на белградската иницијатива за скусена Југославија. Како да ја проучувал “Слободанка експрес” што неодамнешната средба на светото српско тројство го коментираше со наслов: “За Југославија – нов живот”.
“Нов живот”се вика еден дуќан за погребна опрема!
А до новиот живот на Киро Глигоров ќе мора да му се забрани “да ги комплицира работите, изјавувајќи дека Македонија не прифаќа никаква редуцирана или осакатена Југославија”. Има да биде како што вели СК-ДЈ: “Суверена Македонија во суверена Југославија, без какви и да е условувања сврзани со бројот на членките на југословенската држава или пак со нејзиниот официјален назив”. Иако Гојко Груевски лично не би се согласил да се менува името и да се вика Србославија. Може да остане истото име, затоа што и онака “Србија и Црна Гора се правни наследнички на СФРЈ”.
Од што произлегува и одговорот кому ќе му припадне техниката на ЈНА. И кој ќе биде најдобро вооружена држава во регионот. Нешто слично како Ирак на Блискиот Исток.
4. Од стравотиите што можат да нé снајдат, верувам само во можноста и во самостојна Македонија Македонската телевизија да продолжи да емитува рекламни спотови од времето на кинеската револуција. “Нека цветаат илјада цветови!”
Прво ќе биде суша, потоа ќе нé надвиснат црни облаци, па ќе нé фати пороен дожд и на крај ќе ни расцветаат суверените ливади. Како на пакувањето на бонбониерите на “Европа”. При таква длабока содржинска порака нема да има човек кој нема да заокружи “за”.
5. Проблем е што луѓето не успеваат да стигнат дома до почетокот на ЕПП. Заглавуваат по пат на некоја бензинска пумпа. Сите го чекаат танкерот.