ГТЦ ЌЕ ИЗДАВА ДУЌАНИ НА ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ШТО СЕ ПОД КИРИЈА

    ГТЦ ЌЕ ИЗДАВА ДУЌАНИ НА ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ШТО СЕ ПОД КИРИЈАДиректорот на ГТЦ Ѓоко Трајчевски вели дека празните деловни простории кои се на горните катови на трговскиот ќе се изнајмуваат на јавни претпријатија за што е донесена и одлука на Влада. (Фото: ГТЦ)

    Дел од јавните претпријатија кои се под кирија ќе се селат во Градскиот трговски центар (ГТЦ). Директорот на ГТЦ Ѓоко Трајчевски вели дека празните деловни простории кои се на горните катови на трговскиот ќе се изнајмуваат на јавни претпријатија за што е донесена и одлука на Влада.

    „На овој начин ќе се реши проблемот со празните објекти, кои не се наоѓаат на толку атрактивни локации. За една година откако сум директор издадени се нови 3.000 квадратни метри деловен простор на приватни фирми, што не се случило во изминативе 20 години. Ако до пред неколку години тренд беше да се затвораат објекти и дуќани да зјаат празни, сега е обратно“, вели директорот Трајчевски.

    Од пред еден месец во трговскиот центар реновиран е едниот тоалет, а од наредниот месец ќе почне да се работи на другиот.

    „Тоалетите беа во многу лоша состојба, ако сакаме да ги вратиме граѓаните во трговскиот мора и хигиената да е на високо ниво. Го менуваме ’хантер дагласот‘, мермерот и поставуваме ново осветлување. Половина од лифтовите и ескалаторите кои со години не работеа, се поправени, поставени се нови клупи“, додава Трајчевски.

    Од пред два месеци подрумот на ГТЦ е претворен во галерија на графити, која како што велат од трговскиот е многу посетена, а со тоа заживеале и дуќаните кои се наоѓаат во овој дел.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира