Владината делегација на чествувањето на Илинден на Мечкин Камен во Крушево, предводена од вицепремиерот Кочо Анѓушев, денеска беше нападната од група припадници на навивачите „Комити“. Анѓушев ја потврди информацијата, а од МВР велат дека преземаат мерки за идентификација на сторителите.
„Да им го честитам најпрво Илинден на сите граѓани на Република Македонија. На едно од најсветите места на македонската историја, Мечкин Камен во Крушево, претседателот на државата Ѓорге Иванов не успеа да се надмине себеси и да излезе од својата немоќ да ги препознае перспективите што се отвораат за Република Македонија со претстојниот референдум, на кој граѓаните консултативно ќе треба да се изјаснат за референдумското прашање. Иванов со говорот предизвика револт и бес кај навивачките групи кои беа на Мечкин Камен, кои почнаа да фрлаат со пластични шишиња и камења по владината делегација. Сега од кога било повеќе, ни треба обединување за доброто на Македонија и за пристапувањето кон Европската унија и НАТО. Наместо децата да ни одат во Европа, Европа да ја донесеме во Македонија“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Целта била владината делегација, додека кон заменикот-помошник државен секретар во Стејт департментот на САД Метју Палмер, кој исто така присуствуваше на прославата, групата не упатила ни збор.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека презема мерки и активности за расчистување на денешниот инцидент при прославата на Илинден во Крушево.
„Поединци кои беа присутни на прославата фрлаа со предмети кон присутните делегации. Се преземаат мерки за идентификација на сторителите и против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Министерството за внатрешни работи во содејство со Јавното обвинителство презема мерки и за расчистување на случаите со ширење на говор на омраза на денешната манифестација во Крушево“, велат од МВР, но оттаму изостана потврда дека членка на владината делегација била полесно повредена од фрлените предмети.
За време на инцидентот, членови на навивачката група „Комити“ пееја песни со говор на омраза и ксенофобија и тие беа објавени на социјалните мрежи.