Тринаесетиот роман на академик Луан Старова од серијата трудови „Балканска сага“, насловен „Полифонисти“ беше промовиран во Куќата на Уранија во Охрид, на Научната и уметничка визита – Охрид 2018.
Реномираниот писател вели дека во книгата пишува за животот во егзил, кој најчесто се одвива под знакот на бегалската судбина.
„Полифонисти“ е посветен на полифоното пеење што го негуваат повеќе народи на Балканскиот полуостров, како најстар облик на вокално изразување.
„Никогаш не стигнувате на вистинското место и во вистинско време. Балканците живеат во егзил во однос на Европа, но и во однос на самите кон себе. Таков е мојот роман. Полифоното пеење е најстариот облик на вокално-музичко изразување на Албанците. Класичното полифоно пеење обично беше двогласно и трогласно, го негуваа старите медитерански народи, во прв ред, Корзиканците, старите Грци, но и други. Албанците се можеби, единствени во светот, кои практикуваат четиригласно полифоно пеење. И семејството од мојата Балканска сага, оваа пеење, како химна, го носи во својот егзил”, вели академик Старова.
„Мојата балканска литературна сага ( 13 објавени романи) опфаќа период од еден век, дваесеттиот век, живот на едно албанско семејство во егзил (Албанија, Македонија, Грција,Турција), додека на тематски план претставува спротивставување на балканскиот реалистичен роман од втората половина на 19.и 20. век“, додава академик Старова.
Aкадемик Луан Старова, заедно со музикологот Васил С. Толе од Албанската академија на науките и уметностите во Охрид одржаа заедничко предавање : „Полифонија и Полифонисти“, а се однесува на регистрацијата на изополифонијата на списокот на УНЕСКО на нематеријалното наследство и на романот „Полифонисти“.
Д. ЧУБРИЌ