За време на изборната кампања во 2011 година, Мартин Протоѓер ѝ наложува на тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска да провери дали жена му на тогашниот лидер на СДСМ Бранко Црвенковски има куќа на хрватскиот остров Корчула.
„Ова е многу важно, ќе направи пресврт во кампањата. Провери преку матичен број дали е на име на жена му. Ме чекаат ’Дневник‘ да им ја дадам приказната“, ѝ вели Протоѓер на Јанкулоска.
Таа потоа му кажува дека се јавила во Србија, по што ѝ било потврдено дека таму живее семејство со исто презиме.
Во друг разговор, Протоѓер ѝ вели на Јанкуловска да се јави во Антикорупциската комисија за да отворат постапка за непријавен имот на Црвенковски.
„Се јавив, пораката е пренесена. Ама ОК, ќе се јавам да објават дека отворен е предмет“ му одговара Јанкуловска.
Прислушуваниот разговор беше денеска објавен на судењето за предметот на СЈО „Титаник“ за изборни нерегуларности, во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и бившото раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
А. АНТЕВСКА