ПОЧИНА БИВШИОТ ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ КОФИ АНАН

    ПОЧИНА БИВШИОТ ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ КОФИ АНАНКофи Анан беше на чело на Обединетите нации од 1997 до 2006 година (Фото: АФП)

    Поранешниот генерален секретар на Обединетите нации и добитник на Нобелова награда за мир Кофи Анан почина денеска на 80-годишна возраст.

    „Тој почина мирно по кратко боледување“, соопшти фондацијата што го носи неговото име.

    Анан е првиот црн Африканец кој беше избран на функцијата генерален секретар, извршувајќи ја од 1997 до 2006 година. Тој подоцна беше специјален претставник на ОН во Сирија, обидувајќи се да пронајде мирно решение за воениот конфликт.

    „Кофи Анан беше глобален државник и длабоко посветен интернационалист, кој низ целиот живот се бореше за пофер и помирен свет. Без разлика каде, тој ги допираше луѓето со своите сочувство и емпатија“, се вели во соопштението на фондацијата.

    По потекло од Гана, Анан почина во Женева, кадешто живееше последниве години.

    Тој доби Нобелова награда за мир во 2001 за неговите напори да ја обнови организацијата, која во негово време посвети поголемо внимание на борбата против сиромаштијата и смртноста кај децата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира