Вработените во јавните здравствени установи ќе добијат покачување на платата од пет отсто, објави министерот за здравство Венко Филипче, додавајќи дека тоа е исполнување на уште едно од предизборните ветувања на оваа Влада.
„Ова стапува на сила од 1 септември и тоа е уште една мерка на оваа Влада која има за цел задржување на здравствените работници во Македонија и подобрување на нивната положба. Се надеваме дека тоа ќе биде мотив плус за колегите во давањето поквалитетни услуги и за продолжување на нивниот ангажман во Македонија“, кажа Филипче.
Според него, ова е само дел од еден поширок план на Владата за враќање на дигнитетот на јавното здравство.
„Пет проценти можеби изгледаат малку, но ако се земе предвид дека претходно беа зголемени и бонусите за ноќни смени и дежурства, се доаѓа до едно солидно вкупно покачување на платите од 30%. Нашата следна цел е лекар-специјалист да има плата од 100.000 денари и тоа ќе се обидеме да го реализираме наредната година“, додаде Филипче.