АРТЕФАКТИ ОД 5 ВЕК ПРЕД Н.Е. И СКЕЛЕТ ОД КОЊ НАЈДЕНИ НА ТРАСАТА МЕЃУ ШТИП И РАДОВИШ

    АРТЕФАКТИ ОД 5 ВЕК ПРЕД Н.Е. И СКЕЛЕТ ОД КОЊ НАЈДЕНИ НА ТРАСАТА МЕЃУ ШТИП И РАДОВИШМеѓу наодите на трите локалитети долж новиот пат Штип- Радовип, значаен артефакт е скелетот од коњ кој бил жртвуван. Засега не може да се каже овие обреди во кој град биле, Астрајон, Додер или во Јорен кои во пеонско време постоеле на овие простори (Фото: СДК.МК)

    Со пробивањето на новиот пат Штип-Радовиш на почетокот на годинава, долж трасата започнаа обемни археолошки ископувања, за  што се ангажирани дваесетина стручни лица од кои половината се археолози од Македонија. Носител на проектот е Заводот за заштита на спомениците и Музеј Штип, кој констатирал значајни остатоци од културно наследство на три локалитети, Трњакот во атарот на штипско Ново Село, локалитетот Памуклуко во атарот на селото Дамјан и локалитетот Пилав Тепе кај селото Брест.

    „Трите локалитети кои гравитираат кон еруптивните карпи на месноста Пилав Тепе кај селото Брест и манастирот Св. Пантелејмон се во правец запад-североисток во должина од 1.500 метри воздушна линија. Се работи за мали тераси кои каскадно се спуштаат од врвот Пилав Тепе кон Маденска Река“, вели директорот на Заводот во Штип, Митко Штерјов.

    За археолошките истражувања што ќе траат до крајот на август, а можеби и ќе продолжат долж трасата на новиот пат Штип-Радовиш, Владата има одобрено 100.000 евра (Фото: СДК.МК)

    На Пилав Тепе, вели Штерјов, биле откриени три објекти кои имаат по две простории. Објектите се ѕидани од камен и кал, а покриени со тегули и имбрекси. Покривната керамика е слабо сочувана. Заради начинот на кој се паднати ѕидовите археолозите сметаат дека токму овој објект бил оштетен од земјотрес.

    „Садовата керамика, скифоси, кантароси, ехинос паници, ихтии и големите амбалажни садови за чување житарици, амфори и питоси припаѓаат на пајонската сива продукција и укажува на тоа дека трите објекти датираат од ранохелинистичкиот период , односно во 4 и првата половина на 3 век пред н. е.“, кажа Штерјов.

    Според него, куриозитет претставува и пронаоѓањето скелет од коњ во просторија покрај источниот ѕид кој датира и од порано. Според првичните наоди, коњот бил жртвуван. Нозете му биле врзани во делот на подколениците, да не рита, а преку муцката има бронзен обрач за да не каса. Покрај черепот од коњот е оставена уздата која му припаѓала.

    На останатите два локалитета Трњакот и Памуклуко биле најдено големо количество садова керамика, кои датираат од доцниот неолит па се до средниот век. Најдени се и грутки од згура и фрагменти од керамички садови работени на рака кои потекнуваат од железното доба и раноантичкиот период, како и фина керамика работена на грнчарско колце која потекнува од 5 и 4 век пред н. е.

    Штерјов заклучува дека објектите, градбата, ѕидовите и подвижните артефакти укажуваат на фактот дека станува збор за населби, но засега не може со сигурност да каже за кој град се работи од тоа пеонско време кога на овие простори биле градовите Астрајон, Додер или за градот Јорен.

    За археолошките истражувања што ќе траат до крајот на август, а можеби и ќе продолжат долж трасата на новиот пат Штип –Радовиш, Владата има одобрено 100.000 евра.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира