1. Видовте ли на што личеше средбата меѓу Бранко Црвенковски и Али Ахмети? Со таква помпа и таков протокол, небаре се среќаваат претседатели на странски држави, а не коалициони партнери. Можност за фотографирање и снимање од само 5 минути, нема официјални изјави, следува соопштение со избрани зборови и фрази…
Ги оцениле стоте дена на владата. Стварно? Ние мислевме дека заедно се во владата и секој ден работат на случајот, а тие дополнително оценуваат што направиле.
Следната средба меѓу Бранко и Ахмети ќе биде во порекалсирана атмосфера. Ќе се сретнат во летната резиденција на Ахмети во Шипковица. Претседателот на ДУИ ќе го прими претседателот на Владата во официјална посета. А ние ќе се растрчаме пак да ги сликаме. Оти народот тоа го бара. Ептен сакаат да ги гледаат заедно.
2. Кога портпаролот на претседателот Трајковски, Борјан Јовановски излегува на говорницата вели: “Македонија мисли, Македонија смета…” И така ни соопшти дека Македонија одлучила да го нападне Ирак и “активно ќе ја отстранува терористичката опасност за светот што ја претставува Садам Хусеин”.
Борјан го заменува неговиот шеф во мислењето. Откако Борис сфати дека од мислење глава боли, го пушти Борјан да мисли во име на Македонија. Двоецот “ББ”, или како што тие би рекле на англиски – “Би-Би”, мисли во наше име. Наместо да мислат малку за себе. Па да се качат во првиот тенк и да тргнат на Багдад. Борјан ќе мисли, а Борис ќе нишани. Само, ние немаме таква среќа.
3. Нас допрва ќе не заболи глава ако Американците навистина побараат некаква помош од нас. Оти, додека врховниот командант објавува војна, премиерот се прави наудрен. А Собранието пак, никој не го ни прашува.
Турција побара писмена гаранција од САД дека ќе добие многу пари за да им дозволи на Американците да ја користат нејзината територија. А кај нас владата си игра мајтап со подопашништвото на шефот на државата.
Ние уште не сме ги наплатиле парите што НАТО ни ги должи оти ни ги изора патиштата кога ја напаѓаше Југославија. Уште не се дојдени сите пари и за бегалците од Косово што моравме да ги примиме. Наместо да мислат како барем од оваа ситуација да извлечеме нешто, тие умираат од среќа ако им се јави Буш.
Турција има цена за тоа што Американците ќе ја користат нејзината територија. Триесет милијарди долари, подарок и заеми. А колку е цената на територијата на Македонија. Колку еден телефонски разговор со Буш. Борис ако треба и ќе плати за да разговара по телефон со Буш, а за да му прати слика со потпис ич муабет не правиме.
4. Метју Нимиц се спотера дури од Њујорк да види до каде сме со преговорите за Грција околу името. Ама, пак двоецот “Би-Би” не попушта. Борјан рече дека Македонија нема да каже кој ќе биде преговарач. Ќе му кажеле на Нимиц кога ќе требало. А и зошто да му кажат. Тој е само посредник во преговорите.
5. Секогаш кога во Скопје доаѓа некој странски државник, се прави генерално чистење на целата траса низ која минува и во околината на хотелот во кој престојува. Пред доаѓањето на претседателот на Европскатра комисија Романо Проди се исчистија главните улици, се тргнаа непрописно паркираните возила, се пребојосаа графитите кај Црвениот крст, па дури и плоштадот Македонија го поминаа со метла. Ама, Камениот мост, и по шестгодишна реконструкција е во толку бедна состојба, што не може да се нашминка за ваква прилика.
Баш ми е жал што вчераутро ги немаше просјацитее и продавачите на евтини дреболии со нивните картонски кутии. За Проди, а и за самиот Камени мост ќе беше подобро да си ја зачува автентичноста. Па кога претседателот на Европската комисија ќе поминеше по него ќе можеше да си купи, чорапи, гаќи, пенкало за пет денари, будилник и палома повелете…
Романо Проди на пратениците им рече дека ставот на државниот врв кон Ирак нема да го забави процесот на интеграција на Македонија кон ЕУ. Како може да се забави нешто што воопшто не тргнало.