1 Одвај чекам да заврши војната во Ирак. За конечно да се покаже силата на Македонија во светската антитеророристичка коалиција. На Ирачаните ќе сме им требале во постконфликтниот период. Ние сме специјалисти за постконфликтни ситуации. Конфликти не не интересираат оти однапред знаеме кој ќе победи.
Борис пак ќе се појави со иницијатива на претседателот и на Ирачаните ќе им смисли Рамковен договор. Неговиот портпарол Борјан тоа ќе го документира со репортажа “Багдад – една година потоа”. Бучковски ќе прави реформа на армијата и ако треба и ќе ја облекува со панцирни елеци. Министерот за економија Илија Филиповски конечно ќе ја откачи ОКТА и директно ќе влече нафта од рафинеријата во Басра. За инает на Андов. Радмила Шеќеринска ќе го внесува Ирак во Европа. Таа ќе има лесна задача оти попрво Ирак ќе влезе во ЕУ, отколку ние. А Ристо Пенов ќе биде администратор на Багдад и ќе биде задолжен за обнова на градот. “Урбан инвест” ќе го добие тендерот за поплочување на централниот градски плоштад. Хари Костов ќе патролира по чајџилниците и ќе ги затвора на време.
А Бранко? Тој нема ни таму да се појави.
2 Нападот на Ирак ги зајакна и позициите на Македонија во спорот со Грција околу името. Убаво претседателот најавува некаква двојна формула. Едно име за цел свет, а друго само за Грција. Откако во Стејт департментот во списокот на најхрабрите држави Американците не пишаа како Македонија, двојната формула си доби во важност. ФИРОМ ни е референца за мир, а Македонија име за војна. Македонско име нема да загине.
3 Чудно како Бранко и Илинка пропуштија да реагираат остро на ингнорирањето на Обединетите нации за ирачката војна. Се сеќавате ли колку беа гласни кога владата на Георгиевски го призна Тајван. ОН не го вадеа од уста. Илинка цел говор имаше спремено. И НАТО и уставното име и безбедноста на земјата беа доведени во прашање оти Тајван не бил членка на ОН. Па дури и Киро пушти солза бранејќи ги принципите на Обединетите нации.
Сега и трајванскиот претседател, како и нашиот испратил поддршка до САД. Ама неговата поддршка е политичка нула во однос на онаа од Борис. Затоа што ние сме членки на ОН. Затоа им одиме контра. Ни се може.
4 Деновиве се споменуваат некои цифри дека во Македонија има околу 80 илјади парчиња оружје. А ние пред две години со НАТО се пазаревме дали да соберат три илјади или четири илјади пушки. И на крај жетвата ја прогласивме за успешна.
Врховниот командант на Македонија не го разоружува само Садам. Тој ќе ги разоружува и Македонците со нелегално оружје. Минатата недела учествуваше на некоја трибина на некоја невладина организација за мало и средно оружје. И таму кажал нешто.
Сега Борис ќе го собира малото и средно оружје. Се вклучува во кампањата што ја води Лила Филиповска. Заедно ќе бидат појаки на теренот. Борис ќе ги собира, а Лила ќе ги празни пиштолите.
5 Половина година луѓето околу Али Ахмети ги подготвуваа македонските медиуми дека лидерот на ДУИ ќе оди во Америка. Иако Али е на црната листа на САД, како амнестиран терорист и миротворен лидер тој ќе бил пожелен гостин. Демек, посетата се подготвувала и се чекало на погоден момент.
И – тамам Али да отпатува за Америка, Америка го нападна Ирак. Али си остана дома. Терористот Садам му го расипа патот на амнестираниот Али.
6 Во 15 до 11, овој народ ќе ги земе сметките во свои раце и ќе плати на шанкот за се што испил и ќе си легне рано дома за една голема победа. Победа за Македонија.
Овие од СДСМ пак си продолжуваат со приватни забави и кафулињата во кои тие излегуваат полицијата не ги затвора. Инаку, кога не се во прашање “забави од затворен тип”, тие строго го почитуваат законот. Оти пред Уставот и пред Бога сите се еднакви.
Како што тргнале со законитоста и Исус ќе мора да воскресне во 11, наместо на полноќ. Нема друго, комунистите ќе мора да одат во црква за да може Исус да воскресне кога му е редот.