ОДБРАНАТА НА ГРУЕВСКИ ПОБАРА ИЗЗЕМАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА АПЕЛАЦИСКИОТ СУДЕЧКИ СОВЕТ ПЕРИЌ

    ОДБРАНАТА НА ГРУЕВСКИ ПОБАРА ИЗЗЕМАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА АПЕЛАЦИСКИОТ СУДЕЧКИ СОВЕТ ПЕРИЌОдбраната на Груевски побара изземање на претседателката на Судечкиот совет Цветанка Периќ, затоа што смета дека таа не е соодветна оти против нејзе во Судскиот совет има постапка за утврдување одговорност за една судска одлука (Фото: Ѓ. Личовски)

    Одбраната на осудениот на две години затвор Никола Груевски во случајот „Тенк“ на СЈО, во продолжението на јавната седница на Апелација за неговата жалба за пресудата побара изземање на претседателката на Судечкиот совет Цветанка Периќ, затоа што смета дека таа не е соодветна оти против нејзе во Судскиот совет има постапка за утврдување одговорност за една судска одлука.

    Адвокатот на осудениот Ѓоко Поповски кој во „Тенк“ е осуден на 9 години затвор и по чија жалба исто така се расправа на седницата, во име на отсутните адвокати на Груевски поднесе барање за изземање на претседателката Периќ. Адвокатот Стерјо Зиков побара да се одложи за понеделник јавната седница, оти тогаш адвокатите на Груевски немаат судења.

    Судечкиот совет не го прифати тоа барање за одложување, туку рече дека тие донеле одлука по претходното барање за иззмеање на судијата известител Тања Милева, кое е одбиено и дека се исполнети условите јавната седница да продолжи.

    „Бараме изземање на претседателката на Судечкиот совет Цветанка Периќ, бидејќи против нејзе во Судскиот совет почната е постапка за утврдување на одговорност за една судска одлука за која сметаме дека е целосно незаконска. Сметам дека оваа постапка делува на судијката Периќ и ја чини оштетена. Ова својство на оштетена го поврзувам со овој предмет бидејќи сметаме дека постапката ќе има влијание во одлуката на претседателката на Судечкиот совет“, рече Зиков.

    Тој дополни дека покрај постапката против Периќ и денешните одлуки кои го донесе Судечкиот совет покажуваат дека тој сака да ја продолжи постапката без обезбедена одбрана на Никола Груевски.

    Судијката Периќ го праша адвокатот Зиков да каже дали имаат уште некое барање за изземање бидејќи ќе смета дека неговите постапки се непочитување на судот. Зиков рече дека немаат веќе барања за изземање на судии.

    Јавната седница е прекината за пола час и треба да се донесе одлука за или против барањето за изземање.

    Ако Советот за организиран криминал при Апелациониот суд ја намали, зголеми или потврди затворската казна, Груевски треба да оди в затвор. Ако ја врати на повторно судење, тој ќе се спаси од затворската пресуда за ова обвинение засекогаш, бидејќи предметот со тоа кривично дело застарува на 31 октомври 2018.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира