1. Кога ќе се појави Кондарко на телевизија, веднаш ставаш шлем на глава и трчаш во нуклеарно засолниште. Завчера овој ревносен пратеник на СДСМ испаничено излезе да соопшти дека неговата партија била згрозена од однесувањето на Никола Груевски што му ја одзел картичката на спикерот Љупчо Јордановски, додека овој гледал во таванот и со тоа направил “упад во уставниот поредок на државата”.
Ние пред телевизорите имавме ретка можност директно да го следиме “упадот во уставниот поредок” и да ја слушнеме реченицата која ќе влезе во историјата: “Јани, Јани дај ми ја картичката”. Координаторот на СДСМ Јани Макрадули со прецизна електротехничка поддршка му помогна на очајниот спикер и ја жртвуваше сопствената картичка за да го спаси уставниот поредок.
Поредокот е спасен и сега Љупчо Јордановски може слободно да продолжи да не запознава со новите методи на демократијата. Што се тој може да измисли, нема граница. Еден од новитетите е што воведе забрана на реплики за опозицијата. Не се само тие во СДСМ едномислечки. И опозицијата мора да мисли исто.
2. Бучкоски ни вели дека Македонија во НАТО е успешна приказна. Амбасадорот на НАТО Николас Бигман вели дека Македонија треба да направи спектакл, ако сако да биде спомената на Самиотот на НАТО во Истанбул.
Бучко има успешна приказна. За мали деца. Од 0 до 6 месеци. Тие постарите веќе ја сфаќаат приказната. Бараат логика.
Во македонската приказна, според Бучко, владата е локомотива што ја влече композицијата кон НАТО. Во еден од вагоните е и Борис, и треба да се внимава да не излезе од колосек. Бранко е машиновозач, Бучко скретничар, а Борис кондуктер. Успешна приказна ќе биде ако Борис – кондуктерот не испадне од вагонот. Оти, при паѓањето може да ја повлече кочницата за итни случаи. Па да стане кочничар на патот кон НАТО.
Сето тоа е убаво, ако машиновозачот Бранко вози по вистинската пруга. Ама, ако скретничарот Бучко ја згреши работата, цела композиција ќе се најде на слеп колосек. Па заедно со Бранко во дует покрај локомотивата ќе ја викнат песната: “Ој машино, јебем ли ти пругу…”
3. Потпретседателот на Владата Радмила Шеќеринска и министерот за земјоделие Славко Петров отпатуваа на замјоделскиот саем “Зелена недела” во Берлин. Рада ја бива за се, па и за земјоделие. А на Славко Петров таму му е местото. Подобра делегација за “Зелена недела” Бранко не можеше да одбере.
4. Владата расправала и за лошите состојби во аеродромското претпријатие кое некогаш беше профитабилно. Било заклучено дека “домашните авиопристаништа се соочуваат со фактот дека сега се отворени и приштинскиот и нишкиот аеродром, додека софискиот и солунскиот конкурираат со пониски цени”.
Замислете, ова некој го кажал официјално. Владата се соочила со фактот дека во соседните држави има аеродроми. Ај што имаат аеродроми, туку некои се толку дрски што ги намалиле цените во исто време кога ние ги зголемуваме и не им даваме на странските компании да слетуваат кај нас.
Арно ама, добро е што министрите размислуваат. Па пак некој официјално кажал дека Владата заклучила дека “треба да се изготви посебна стратегија, по што и ќе се утврди што понатаму со нив. Односно, дали можеби ќе се издадат под концесија, или пак ќе се размислува за изградба на трет аеродром за карго-сообраќај”.
Бидејќи ќе ги исцрпат можностите овие два да проработат, ќе изградат трет. Како во вицот со Циганот. Кога им паднало детето во кал ја прашал циганката: “Ќе го миеме, или ќе правиме ново?”
5. Откако СПЦ го назначи одметнатиот Јован за владика на Охридска архиепископија и по најновиот пребег на монасите од МПЦ, повторно се врати волшебниот збор “таканаречено”.
Сега постојано слушаме за “таканаречаната Охридска архиепископија”.
Тоа ме плаши. Ние имавме таканаречена ОНА, па таа стана Влада. Имавме и таканаречен Тетовски универзитет, па сега станува државен.
Таканареченото кај нас брзо станува – речено.