1. Во предизборната кампања во 2002 година, пред да ни се случи 15 септември, се пуштаа муабети дека Бранко не сака да биде премиер, ама за да не го изневери гласачкото тело, тој по трет пат стана премиер. Народот го бараше.
Сега кога постои опасност некој од народот да се покае, па да побара Бранко да не биде премиер, тој се подготвува да стане претседател на државата. Сиромашкиот, ич не сака, ама не смее да го изневери членството на СДСМ. По сите жртви што ги направи во последните 13 години, сега мора да биде и претседател.
Се што прави Бранко, прави за доброто на народот. Ако го изберат за претседател пред 1 мај, ќе треба да даде мандат за состав на нова влада на нов мандатар од неговата партија. Додека истечат сите законски рокови, додека мандаторот направи нови консултации со ЛДП и ДУИ, додека почекаат што ќе им кажат од ММФ, САД и ЕУ, новата влада ќе ја имаме некаде во почетокот на јуни. Новите министри ќе имаат нови 100 дена. Во меѓувреме ќе заминат на одмор. Да се подготват за новата изборна трка за локалните избори.
2002 година ни беше година на избори.
2003 година ни беше година на стабилизација.
2004 година ја нарекоа година на економскиот бум.
2005 година веројатно ќе ја крстат година на културата и уметноста.
2006 година пак ќе биде година на избори.
Ние ништо друго и не работиме. Го избираме Бранко. Сите години се години на Бранко.
2. Годината на економскиот бум веќе покажува огромен процент на успех. Падот на индустриското производство во однос на годината на стабилизација е 43 отсто.
Министерот за економија Стевче Јакимовски ветува дека бумот ќе почне на 1 април. Со априлијада на Плоштадот на Пенов. И со организиран шопинг во Трговскиот центар на Коч. Ќе се пазари со парите заработени во слободната економска зона “Бунарџик”. И со социјалната помош на Јово Манасиевски. Уште и “Шутекс” на Амди Бајрам да проработи, не 43 отсто, бумот ќе ни оди до 103,2 отсто. Економскиот бум ќе стане – трес.
3. Драмата почна како и секогаш во медиумите. Ќе биде вака, ќе биде онака, па ќе биде оној, па овој, па за овој била меѓународната заедница, а за оној не биле Албанците, па ќе имало опасност од српско сценарио, па дури ако загусти Бранко ќе влезел во трката за претседател.
Во меѓувреме Бранко ги пушта сите да истрчаат, а тој како да се колеба. Им пушта водичка да се истепаат меѓу себе и на крај им вика: “Дечки, јас ќе бидам претседател”.
И нормално, како во секоја демократска партија главниот збор го има членството. Се закажуваат состаноци на општинските организации, ама сите во исто време. Нема лажирање, нема лобирање. А тие за секој случај, покрај Бранко и имињата што ги прочитаа по весниците си додадоа и по некој свој, за да не им се налути на локално ниво. Па за кандидати за претседател ги чувме и имињата на Елеонора Петрова, Гештаковски, па и Бузле како чувар на курсот на државата.
Арно ама, работата многу загустила штом Бранко пак мора да ја спасува државата и партијата.
Што ли ќе прават оние од СДСМ ако мораат да изберат нов лидер на партијата. Тие се длабоко несреќни ако го немаат Бранко да ги зафркава.
4. А и Љубчо е добар со зафркавањето. Почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ не го интересира изборот на претседател на државата. Тој нема 40 години, а и конвенцијата за избор на Кедев дојде во незгодно време. Среде филмски фестивал кој Снешка не смее никако да го пропушти.
Љубчо ги остави Љубе Бошковски и Кедев, да види како ќе поминат Груевски и Ганка, со надеж дека по евентуалниот дебакл ќе го молат: “Врати се војводо!”
Ако ВМРО-ДПМНЕ падне дереџе “Врати се војводо!”, тогаш нека си останат опозиција до крај.
5. А каде е крајот? Тоа ќе им го каже Тито Петковски од СДСМ.
Тито и овој пат рече дека ќе оди до крај. Исто како и на Конгресот на СДСМ кога се избираше претседател на партијата. Се повлече пред гласањето.
Тито и овој пат не отиде до крај. За него таму нема место. Бранко е крајот.
6. Нацијата може да здивне. И Жаде конечно сврши.