Жителите на „Туристичка“ и „Јане Сандански“, двете најфреквентни охридски улици, сами ќе одлучат дали на овие сообраќајници ќе се плаќа паркинг. Одлука за наплата на паркинг е донесена во 2013 година од претходната локална власт, која ја уважи и новиот состав на Советот на Општината, но досега не се спроведува.
„Точно е дека таква одлука ја донесе претходната локална власт во 2013 година. Меѓутоа, новата власт одлучи да спроведе анкета за да го види расположението на охриѓани од овие две најфреквентни охридски улици дали се согласни токму тука д асе наплаќа паркирање. По спроведената анкета ќе биде донесена соодветна одлука, засега на ‘Туристичка’ и ‘Јане Сандански’ не се плаќа за паркирање“, вели директорката на ЈП „Билјанини Извори“ Гордана Јовановска.
Во пресрет на летната сезона, советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општината ја обвинија новата локална власт дека сака да воведе уште една давачка за охриѓани и за туристите, со тоа што ќе воведе наплата на паркинг на „Туристичка“ и „Јане Сандански“. Од новата локална власт тогаш беше одговорено дека одлука за тоа била донесена во времето кога ВМРО-ДПМНЕ ја имаше власта во градот.
Во Охрид моментално има две зони за паркирање. Се плаќа преку смс порака, а цената е 30 денари за еден час паркинг.
Д. ЧУБРИЌ