СВЕТСКА БАНКА ОДОБРИ ЗАЕМ ОД 33,4 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА СОЦИЈАЛНАТА ЗАШТИТА И РАН ДЕТСКИ РАЗВОЈ

    СВЕТСКА БАНКА ОДОБРИ ЗАЕМ ОД 33,4 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА СОЦИЈАЛНАТА ЗАШТИТА И РАН ДЕТСКИ РАЗВОЈВо рамки на петгодишниот проект ќе се делат грантови за нови градинки за згрижување на 7.500 деца (Фото: СДК.МК)

    Светска банка вчера ѝ одобри 33,4 милиони долари кредит на Македонија за реализација на проектот со кој треба да се развива социјалната заштита и ран детски развој и грижа.

    Светска банка соопшти дека нивниот борд на директори го одобрил овој заем, бидејќи со проектот треба да се подобрат социјалните услуги, со акцент на решавање на проблемите на социјално исклучените ранливи групи. Со овој проект треба да се надмине и слабиот квалитет и поделеност на социјалните услуги.

    „Проектот ќе го зголеми социјалното вклучување на најранливите лица во земјата, преку систем на добро таргетирана и проширена испорака на социјални услуги“, вели Марко Мантованели, директор на Канцеларијата на Светска банка.

    Со реализација на овој проект, кој ќе трае пет години, треба да се подобри подготвеноста на децата за училиште, што е клучно за развој на животни вештини и за зајакнување на конуретноста на економијата на долг рок. Предвидено е да се прошират социјалните и услугите за рано детско образование и грижа, да се подобри пристапот до услугите, и да подобри квалитетот на услугите поврзани со социјалната и детска заштита.

    Марина Петровиќ, виш специјалист за социјална заштита при Светска банка и лидер на проектот вели дека преку проектот ќе бидат достапни и грантови за инфраструктура, односно за изградба на нови градинки за околу 7.500 деца.

    „Проширувањето на пристапот до услуги ќе значи, исто така, поголемо внимание за квалитетот, па затоа во проектот ќе вклучи зајакнување на компетенциите и капацитетите на наставниците, како и изработка на материјали за работа со децата согласно возраста на учениците“, вели Бојана Нацева, виш специјалист за образование при Светска банка и колидер на проектот.

    Од Светска банка велат дека директни корисници на средствата од проектот се лицата кои примаат социјална помош и други ранливи групи административниот персонал во владата и општините, и други субјекти вклучени во обезбедувањето на услуги.

    „Проектот ќе поддржи квалитетно рано образование на деца од претшколска возраст односно на возраст од три до шест години, и нивните семејства и ќе помогне во транзицијата кон основното образование, со фокус на децата од ранливите групи и деца со попреченост. Сите деца на возраст од 0 до 6 години од целата земја се очекува да имаат корист од подобрено родителство и грижа во домот. Наставниците, персоналот од институциите за социјални услуги и предучилишните институции ќе имаат корист од поедноставените и поефикасни административни процедури и новите или реновирани работни простори“, велат од Светска банка.

    Проектот ќе го спроведува Министерството за труд и социјална политика во тесна соработка со Министерството за образование и наука и со Министерството за финансии.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира