УСТАВНИТЕ СУДИИ СЕ СКАРАА КОЈ Е ГОСПОДИН НА СЕДНИЦАТА ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ

    УСТАВНИТЕ СУДИИ СЕ СКАРАА КОЈ Е ГОСПОДИН НА СЕДНИЦАТА ЗА РЕФЕРЕНДУМОТУставниот судија Јосиф Јосифовски (лево) и претседателот на Уставниот суд Никола Ивановски, кои се скараа на денешната седница за оценување на уставноста на референдумот. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Уставниот судија Јован Јосифовски по дискусиите на уставните судии Осман Кадриу и Дарко Костадиновски, во кои тие изрично беа против предлогот на колешката Елена Гошева да се замрзнат активностите за референдумот, се вознемири и се скара со претседателот на судот Никола Ивановски.

    „Не може вака дрско да зборувате за трите иницијативи за уставноста на Одлуката за референдумот. Тука се подносителите, ве слушаат“, се изнервира и растрепери судијата Јосифовски, татко на Борис Јосифовски, шефот на кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов.

    Претседателот Ивановски му викна: „Полека, не се тресете кога зборувате. Зборете како човек!“

    „А вие не упаѓајте како нечовек“, му врати Јосифовски и му рече да се однесува како господин.

    „Отсекогаш сум бил господин за вас!“, му подвикна Ивановски.

    „Господин, да, мислете си само вие!“, врати Јосифовски.

    По кавгата и неколку навреди, вжештената атмосфера ја смирија уставните судии Насер Ајдари, Вангелина Маркудова и Сали Мурати, кои сметаат дека Одлуката за референдум е уставна. И судијата Владо Стојановски рече дека нема да го поддржи рефератот на Гошева и нема да гласа за поведување постапка за испитување на уставноста на оспорената одлука на Собранието.

    Не се изјаснил уште претседателот Ивановски за иницијативите за испитување на уставноста на Одлуката за референдум на 30 септември 2018 година.

    Гошева и Јосифовски останаа сами. Само тие сметаат дека не е уставна одлуката.

    По дискусиите, денеска следува конечното изјаснување  на Уставниот суд на тајно гласање.

    Деветте уставни судии треба да одлучат дали ќе се поведе постапка за оценка на уставноста на Одлуката за распишување референдум донесена од Собранието на 30 јули. Против собраниската Одлука се поднесени три иницијативи – од партијата „Левица“, од организацијата „Светски македонски конгрес“ и од граѓанин од Куманово. Сите три се споени во еден предмет и ќе бидат разгледани како единствена точка на деневен ред на денешната седница. Подносителите на инцијативите сметаат дека Одлуката на Собранието е противуставна и спротивна на Законот за референдум. Доколку Уставниот суд ја прифати иницијативата, до одлучувањето може да биде донесена времена мерка со која се суспендираат сите поединечни дејствија и акти заради спречување на штетните последици по Буџетот, правата, слободите и внатрешниот правен поредок на земјата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира