УСТАВНИТЕ СУДИИ ПРЕДЛОЖЕНИ ОД ИВАНОВ ЈА БРАНАТ УСТАВНОСТА НА РЕФЕРЕНДУМОТ, ГОШЕВА ЈА НАПАЃА

    УСТАВНИТЕ СУДИИ ПРЕДЛОЖЕНИ ОД ИВАНОВ ЈА БРАНАТ УСТАВНОСТА НА РЕФЕРЕНДУМОТ, ГОШЕВА ЈА НАПАЃАЕкспретседателката на Уставниот суд Елена Гошева, која е судија-известител за овој предмет, прелага времена мерка стопирање на активностите за референдумот. - Од денешната седница на Уставниот суд (Фото: Ѓ. Личовски)

    Референдумското прашање: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот на Република Македонија и Република Грција“ е двосмислено, конфузно, збунувачко, сугестивно и збунувачко, ја нападна утринава експретседателката на Уставниот суд Елена Гошева уставноста на одлуката на Собранието за распишување на референдумот.

    „Оваа одлука сметам е неуставна и предлагам времена мерка стопирање на активностите за референдумот, до донесување конечна одлука на Уставниот суд“, предложи Гошева, која е судија-известител за овој предмет.

    За Гошева, министерот за надворешни работи Никола Димитров немал мандат за склучување на ваков договор со Грција. Договорот пак нема правна сила, зашто не бил ратификуван во Собранието, вели таа.

    Гошева смета дека место едно наведувачко прашање, треба да има три прашања на референдумот, две за членствата, едно за договорот.

    Но, збор по неа зеде уставниот судија Дарко Костадиновски, кој неодамна беше избран на предлог на претседателот Ѓорге Иванов.

    „Прашањето е јасно и не е двосмислено. Предлагачот, Собранието, сака да ги консултира граѓаните. Трите прашања срочени во едно, имаат причинско последични врски. Тоа не ги доведува во заблуда граѓаните. А дали бил надлежен Димитров, не е тема на денешната иницијатива и расправа. Одлуката за распишување референдум е оспорена и е тема на расправа. А за граѓаните никој не смее да ја потценува нивната интелигенција. Прашањето е прецизно“, рече Костадиновски и предложи да не се поведе постапка за уставноста на Одлуката на Собранието за референдум.

    Против референдумот се поднесени три иницијативи до Уставниот суд – од партијата „Левица“, од организацијата „Светски македонски конгрес“ и од граѓанин од Куманово. – Димитар Апасиев од Левица и Тодор Петров од СМК на денешната седница на Уставниот суд (Фото: Ѓ. Личовски)

    И Осман Кадриу, кој заедно со Костадиновски е предлог на Иванов, темелно објасни дека Одлуката за референдум е уставна и оти е во ред овој референдум да има консултативен карактер. Наброја во кои три случаи се распишува задолжителен референдум.

    Прашањето не е збунувачко ниту за него.

    „Јас ќе гласам против предлогот на колешката Гошева“, рече Кадриу.

    Деветте уставни судии треба да одлучат дали ќе се поведе постапка за оценка на уставноста на Одлуката за распишување референдум донесена од Собранието на 30 јули. Против собраниската Одлука се поднесени три иницијативи – од партијата „Левица“, од организацијата „Светски македонски конгрес“ и од граѓанин од Куманово. Сите три се споени во еден предмет и ќе бидат разгледани како единствена точка на деневен ред на денешната седница. Подносителите на инцијативите сметаат дека Одлуката на Собранието е противуставна и спротивна на Законот за референдум. Доколку Уставниот суд ја прифати иницијативата, до одлучувањето може да биде донесена времена мерка со која се суспендираат сите поединечни дејствија и акти заради спречување на штетните последици по Буџетот, правата, слободите и внатрешниот правен поредок на земјата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира