ЗАБРЗАНО СЕ ГРАДИ ПРУГАТА ОД БИТОЛА ЗА ГРЧКА ГРАНИЦА

    ЗАБРЗАНО СЕ ГРАДИ ПРУГАТА ОД БИТОЛА ЗА ГРЧКА ГРАНИЦАПругата со која Пелагонискиот Регион ќе се поврзе со Солунското пристаниште, почна да се гради пред две и пол години и во меѓувреме запре, ќе биде довршена до крајот на ноември годинава, а интензивно се работи во изминатите пет месеци (Фото: СДК.МК)

    До неодамна, на железничката пруга од Битола за грчка граница пасеше стока и се одгледуваа сандаци со пчели. Денес пругата интензивно се гради, а со обновата е стигнато до пред селото Жабени. За пет месеци изграден е поголем дел од пругата, која има вкупна должина од 17 километри. Извршена е реконструкција на шините, а поставена е и подлога од чакал.

    Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески вели дека ќе бидат испочитувани договорените рокови и пругата ќе биде довршена до крајот на ноември годинава. На неа интензивно се работеше во изминатите пет месеци.

    Истата пруга почна да се гради пред две и пол години, но тогашниот бугарски конзорциум кој беше избран на тендер како главен изведувач, не им ги исплати парите на подизведувачите и изградбата запре. Дел од работниците поведоа судски спорови против компанијата барајќи си ги платите. Во меѓувреме дојде до промена на власта, а државата распиша нов тендер за изведувач на кој беше избрана австриската компанија „Штрабаг“. Станува збор за проект од 17,2 милиони евра од кои 6 милиони евра се ИПА средства, а 11 милиони евра се средства од буџетот на Македонија.

    Со пругата кон грчка граница се очекува Пелагонискиот Регион да се поврзе со Солунското пристаниште, а компаниите да добијат за 30 проценти поевтин и побрз транспорт на стоката.

    Дел од локалното население одвај чека да писне возот за Грција, па велат дека како пред триесетина години ќе одат со воз на кафе во Лерин или на пазарење во супер маркетите на влезот од градот.

    „Некогаш за Грција патувавме со воз, а границата ја минувавме само со лична карта. Тогаш ние купувавме мандарини и банани од Лерин зашто беа евтини, сега Грците купуваат кај нас зашто сме посиромашни. За да има патници ќе треба возот да биде ептен исплатлив, патувањето брзо зашто скоро сите имаат возила дома, од грчка страна има автопати и брзо се стигнува кога сакаш и каде сакаш“, велат жителите од пограничните битолски села.

    Освен со воз битолчани, според најавите на власта, за Грција ќе можат да патуваат и по ескпресен пат. Но, засега не се прецизирани рокови.

    „Излезен е тендер за проект за експресен пат и обиколница на Битола до Меџитлија. Експресен пат со ширина од 11,5 метри, две возни ленти од по 3,5 метри и една лента за запирање од 2,5 метри“, рече Зоран Китанов директор на Јавното претпријатие за државни патишта.

    И без пруга и по стар, пат дневно македонско-грачката граница на преминот Меџитлија- Ники ја минуваат над 2.500 патници.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира