Поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски утринава пристигна на распит во Јавното обвинителство под сомневање дека за време на четиригодишниот мандат сторил кривични дела злоупотреба на службената положба и овластувањата и несовесно работење во службата. Двете дела се казниви со затвор.
Панчевски веќе една година од редовното и од Специјалното обвинителство е под истраги за местење и доделување на судски предмети во кои се и притворските, кај подобни и исполнителни судии во Кривичниит суд. Тоа, според сомневањата, го правел во сите фази на постапката, од претходна постапка, преку таа по жалба во кривичните совети, до доделување на предмети кај судечки судии. Манипулациите, според сомневањата, ги правел преку честото менување на Годишниот распоред на, судии, за кој постојано отстрануваните судии од своите оддели и предмети поднесуваа жалби до Врховниот суд и до Судскиот совет но им беа отфрлани. Непослушните судии Панчевски со честите распореди на дневна основа, ги изолираше во Судот за прекршоци.
Во истрагата опфатени се и претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски и поранешната в. д. претседателка Снежана Бајлозова, која во својство на сведок била испрашана во ОЈО Скопје во петокот.
И таа во налетот на предметите на СЈО го менуваше Годишниот распоред на Врховните судии по потреба, а Вангеловски за еден месец го смени дури девет пати.
Вангеловски е на распит од понеделник.
„Засега од тројцата осомничен е само Панчевски, Вангеловски и Бајлозова се повикани како сведоци. Тие ќе треба да покажат аргументи и причини кои треба да ги поткрепат со закон, зошто додека биле на функциите толку често ги менувале распоредите на судии? Нивните образложенија потоа ќе се споредат со сомневањата до кои дојде тимот обвинители и истражители кои неколку недели ги листаа и проверуваа еден по еден стотици предмети во Основниот суд Скопје 1 и предметите во Врховниот суд. Од тоа ќе зависи дали натаму и на кого од нив ќе му биде сменет статусот сведок“, изјавија за САКАМДАКАЖАМ.МК Скопското обвинителство.
На прашање што истражувале со денови во Основниот суд Скопје 1, од Обвинителството велат дека одејќи предмет по предмет, истражувано е дали има случаи на злоупотреби и местење на предмети кај судии на начин судија на претходна постапка кој одлучувал за одреден предмет, потоа да бил со нов распоред ставен истиот предмет да го работи во оценка на обвинение. Натаму, се истражувало дали има случаи судија, член на кривичен совет кој одлучувал по одреден предмет, потоа со нов распоред од претседателот на судот бил прераспореден во судечки судија за да „му се падне“ истиот предмет пак нему. Се истражувале и други забранети комбинации на доделување на предмет кај ист судија. Биле чешлани предметите од организиран криминал и од кривичниот оддел за полнолетни.
Појдовната информација за потврдување на сомневањата, велат од ова Обвинителство, цело време се годишните распореди за работа на судиите и датумите кога биле менувани. На годишно ниво рекордер во менувањето на годишните распореди е Владимир Панчевски, а на месечно Јово Вангеловски, кој лани само во еден месец 9 пати го менуваше распоредот на врховните судии во советите.
Засега Обвинителството не коментира ништо за сомневањата дека во Основниот суд Скопје 1 притворските предмети во времето на Владимир Панчевски биле делени на рака.
С. К. ДЕЛЕВСКА