ОТКАКО НЕ МУ ДАДОВ 10.000 ЕВРА, ЗОРАН БОЖИНОВСКИ ПОЧНА ДА ОБЈАВУВА ТЕКСТОВИ ПРОТИВ МЕНЕ, СВЕДОЧЕШЕ МИНЧО ЈОРДАНОВ НА „ШПИОН“

    ОТКАКО НЕ МУ ДАДОВ 10.000 ЕВРА, ЗОРАН БОЖИНОВСКИ ПОЧНА ДА ОБЈАВУВА ТЕКСТОВИ ПРОТИВ МЕНЕ, СВЕДОЧЕШЕ МИНЧО ЈОРДАНОВ НА „ШПИОН“„Не сум имал директна закана од Божиновски, но по тоа што го пишуваше, јас така го сфатив“, рече Минчо Јорданов денеска во судница. - Минчо Јорданов (архивска фотографија)

    Бизнисменот Минчо Јорданов денеска како оштетен сведок даде исказ во судскиот процес „Шпион“. На прашањата на судијата Владимир Туфегџиќ, Јорданов раскажуваше дека со обвинетиот Зоран Божиновски се запознал во 2007 година, кога од негов пријател Божиновски му бил посочен како експерт кој може да му помогне во анализата на пазарот за неговите идни бизнис инвестиции.

    „Она што го добив како анализа од Божиновски е подолу и од кафански муабет и бидејќи не бев задоволен, му реков дека ќе ја прекинеме соработката. Му дадов на првата средба 5.000 евра аванс и усно се договоривме да му исплаќам пари зависно од сработеното. На средбата кога му реков дека ја прекинуваме соработката, неговата реакција беше негативна и ми рече дека треба да му дадам уште 10.000 евра, на што јас му одговорив дека и овие пари што му ги платив се многу“, сведочеше Јорданов.

    Потоа, како што кажа Јорданов, почнало објавување на текстови на порталот на Божиновски „Буре весник“ со лаги, измислени и нечовечки приказни.

    „Пишуваше дека сум се мешал во кадровската политика на ’Teлеком‘, а најодвратни беа написите дека во ’Ремедика‘ се врши трговија со органи. Не сум имал директна закана од Божиновски, но по тоа што го пишуваше, јас така го сфатив“, рече Јорданов.

    Но и покрај тоа, Минчо Јорданов на крај не побара отштета и не се приклучи кон кривичен прогон на Божиновски.

    Сведокот потоа, по прашања на судијата Туфегџиќ, објасни како во приказната влегол обвинетиот Мичо Насковски.

    Јорданов него го ангажирал за да се спроведе процесот за купување на ГП „Бетон“. Насковски го спровел процесот на купување на акциите на „Бетон“ за што од Јорданов добил надокнада од 150.000 евра. Колку од парите биле исплатени во кеш, а колку на сметка, Јорданов не знаеше. На прашањето на Туфегџиќ, дали 100.000 евра му дал во кеш, а 50.000 евра на сметка Јорданов рече: „Не се сеќавам, може беше обратно. 100.000 на сметка, а 50.000 евра во кеш“.

    Потоа Јорданов увидел дека трансакцијата на берзата за купување на „Бетон“ излегла со 20 отсто повисока цена од што му било кажано од Насковски.

    „На површина излегоа и други работи, како на пример приложување сметки од службено патување за купени чевли од 400 евра, огромни сметки од пазарење на сè и сешто од супер маркети. По шест месеци ја раскинав соработката со Насковски“, сведочеше Јорданов.

    Насковски потоа настојувал Јорданов да му исплати уште пари за успешното купување на „Бетон“. Бил договорен состанок на кој што требало да се разговара дали трансакцијата била повисока.

    „Мичо ми рече дека дел од неговите експерти ќе биде и Зоран Божиновски. Тогаш пак се појави името негово на што јас одговорив дека не прифаќам. На состанокот беа Зоран Витанов, Марјан Маџовски, Горан Стојановски и Игор Цветановски. Витанов ме убедуваше дека за зделката што ја завршил Мичо треба да му исплатам уште пари, а драмски заплет средбата доби кога ми дадоа лист на кој што стоеја милиони износи во евра кои што треба да му ги исплатам на Мичо“, сведочеше Јорданов.

    Тој рече дека директни закани немал, но и по оваа средба продолжиле написите во „Буре весник‘.

    Судијата Туфегџиќ го праша Јорданов дали во неговата фирма и тој како познат бизнисмен има пракса да се даваат пари на рака без писмени договори тој одговори: „Во тоа време јас не бев резидентен државјанин, бидејќи претходно долго време живеев во странство“.

    Откако го заврши испрашувањето, судијата Туфегџиќ даде кратка пауза по што следат прашања од Специјалното јавно обвинителство. И обвинетиот Зоран Божиновски најави дека има прашања за сведокот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира