ВЕЛЕС ДОБИ ДНЕВЕН ЦЕНТАР ЗА ДЕЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

    ВЕЛЕС ДОБИ ДНЕВЕН ЦЕНТАР ЗА ДЕЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТВо центарот засега се згрижени шест деца, сите на возраст од 5-6 години (Фото: СДК)

    Велес доби дневен центар за децата со попреченост. Тука се згрижени деца на возраст до 18 години, додека во соседството е дневен центар за лицата со попреченост со 20-ина лица над 26 години. Со ова се заокружува процесот на згрижување на сите лица со попреченост во поширокиот велешки регион.

    „Отворањето на овој центар е голема помош, пред сè, за родителите на дечињата. Тука тие се згрижени, добиваат нега и исхрана и имаат организиран бесплатен превоз. Децата се тука од осум до 15 часот, кога нивните родители можат да одат на работа или да ги завршат нивните обврски“, рече Азиза Џини директорката на Центарот за социјални грижи во Велес.

    Во него засега се згрижени шест деца, сите на возраст од 5-6 години. Имало интерес за доаѓање и на две деца од селото Каласлари, но поради должината на превозот, тие засега не се корисници.

    „Конечно го ставаме во функција дневниот центар за деца со попреченост. Имаме кадар, имаме деца кои се згрижени. Ние работиме на создавање социјални услуги на локално ниво, оти само така може да се подигне квалитетот на живеење. Така создаваме инклузија на овие деца, кои не одат во градинка или училиште“, рече министерката за труд и социјала Мила Царовска.

    За таа цел, вработени се психолог, дефектолог и медицинска сестра. Што се однесува до барањето на Здружението на лица заболени од церебрална парализа за персонална асистенција, Царовска кажа дека такви лица има, но потребно е здружението да го координира проектот.

    „Владата има програма за персонална асистенција. Секаде кадешто има потенцијал и организација која може да го имплементира, се пуштија персонални асистенти. Ако во Велес го има тоа, имаме средства да ги воведеме“, рече Царовска.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира