И ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВРХОВНИОТ СУД ЈОВО ВАНГЕЛОВСКИ БЕШЕ НА РАСПИТ ВО СКОПСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ЗА МЕСТЕЊЕТО СУДСКИ ПРЕДМЕТИ

    И ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВРХОВНИОТ СУД ЈОВО ВАНГЕЛОВСКИ БЕШЕ НА РАСПИТ  ВО СКОПСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ЗА МЕСТЕЊЕТО СУДСКИ ПРЕДМЕТИНа излегување од Обвинителството, Вангеловски рече само дека на денешниот распит бил како сведок. (Фото: К. Попов)

    Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски денеска неколку часа беше на распит во Скопското обвинителство во рамки на истрагата која привршува за злоупотреби на АКМИС-от во Врховниот суд и за местење на предмети на СЈО кај подобни врховни судии.

    На излегување, рече само дека на денешниот распит бил како сведок.
    Претходно на распит беа експретседателот на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски и в. д. претседателката на Врховниот суд Снежана Бајлозова.

    Но, за разлика од Панчевски кој влезе регуларно на официјалниот влез на обвинителството, како сите граѓани – странки и се легитимираше уредно, Вангеловски, за да ги избегне новинарите, влезе од подземните гаражи под МОБ, од вратата преку која ги носат притворените лица. Излезе од официјалниот влез.

    Скопското обвинителство негира дека му отклучиле на Вангеловски од долу. Во зградата се и повисоките обвинителства, Вишото и Републичкото.

    Појдовната информација за потврдување на сомневањата за рачно местење на предмети кај судии, според Скопското обвинителство се годишните распореди за работа на судиите и датумите кога биле менувани. На годишно ниво рекордер во менувањето на годишните распореди е Владимир Панчевски, а на месечно Јово Вангеловски, кој лани само во еден месец девет пати го менуваше распоредот на врховните судии во советите.

    Минатата недела специјалната обвинителка Катица Јанева објави специјален извештај  од прислушуваните разговори за четворица судии, меѓу кои издвоен е и Вангеловски. Јово Вангеловски, како претседател на Врховниот суд, во прислушуваните разговори изнесувал информации за судски предмети, интервенирал за предмети кај судии, работел непрофесионално по инструкции на високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ.

    Сознанијата до кои дојде ова Јавното обвинителство при своето тековно работење, на кои секако се надоврзува јавно објавениот разговор меѓу Јово Вангеловски како претседател на Врховниот суд и Миле Јанакиески како министер за транспорт и врски, како и необјавени разговори остварени од страна на Јово Вангеловски во 2011 и 2012 година покажуваат непрофесионално и несовесно извршување на функцијата претседател на Врховниот суд на Република Македонија, на начин што истиот во повеќе наврати на свои соговорници им изнесувал информации од судските постапки кои се водат пред Врховниот суд, интервенирал кај други судии за предметите и давал сугестии за постапувањето“, се осврнува Јанева и на поврзаноста на Вангеловски и неговото слугување на врвот на ВМРО-ДПМНЕ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира