Грчката авиокомпанија „Ејџиан“ од 1 ноември повторно ќе лета од Атина до Скопје. На сајтот на „Ејџиан“ веќе може да се резервираат карти за летот меѓу двата главни града, а летови ќе има двапати неделно, во вторник и четврток. Со линијата ќе оперира „Олимпик Ер“, фирма ќерка на „Ејџиан“, која лета со помали авиони, каков што е АТР42 на летот Атина-Скопје, со 48 седишта.
„Ејџиан“ ја укина линијата Атина-Скопје во 2007 година, откако скопскиот аеродром беше преименуван во „Александар Велики“.
Македонската влада во февруари донесе одлука да го преименува скопскиот аеродром „Александар Велики“ во Меѓународен аеродром Скопје. Тогаш беше сменето и името на автопатот „Александар Македонски“ во „Пријателство“.