1. Пред една недела во Скопје имавме некаков обид за копирање на студентските протести од Белград. Семестарот заврши, студентите си отпатуваа дома да учат и скопскиот студентски протест заврши. Оваа недела, во друга соседна држава, во Албанија, има масовни протести поради масовните измами и кражби на граѓаните во таканаречените штедилници по урнекот на пирамида, кон новопечените, таканаречени капиталисти, ги градат со нудење нереални камати на штедачите и наопаку – од врвот надолу. Има некоја балканска врска. Истовремено, додека албанската полиција се тепаше со измамените штедачи и ги апсеше измамниците,кај нас пукна уште една штедна афера – “Македонија реклам”.
Кој му е виновен на народот од овие простори, кој задоен со комунистички идеи и постојано со завидливост свртен кон капитализмот, кога се најде среде историскиот процес на промена на системот, ја прими здраво за готово идејата дека во капитализмот може да се збогати преку ноќ. Никој не им кажа на луѓето дека во капитализмот можеш да се збогатиш со труд. Па, само во Македонија, во десетина случаи на “успешни” штедно-трговски претпријатија, граѓаните, кои како во капитализмот посакаа да станат богати преку ноќ, изгубија милиони и милиони германски марки. За разлика од нив, десетина измамници, кои навреме покажаа смисла за бизнис во нашиот капитализам, навистина се збогатија преку ноќ, со парите на другите, на кои им нудеа големи камати.
Скопската експозитура на “Кариќ банка”, на граѓаните им остана должна околу 3 милиони марки. Штедилницата “Југомаркет” се затвори со два милиона во минус. Во “Алфа С” испарија 10 милиони марки. За “Џамаданче” податоците, веројатно, ги знае сопственикот, само тешко дека некој ќе го пронајде во некоја Америка, или потаму… Сите тие беа штедилници, уредно регистрирани и со дозвола од Народната банка.
За разлика од тие случаи, Централната банка може да биде мирна во случајот со “Македонија реклам”. Таа фирма дури и не е штедилница и не е регистрирана за собирање пари и давање камати на штедачите. Граѓаните сами се виновни што му верувале на некој новокомпониран бизнисмен, кој верувал дека е толку способен за профитни зделки, за да може да им ги врати парите на луѓето, со 75 отсто камата за една година. И – приказната тука завршува. Како што ќе заврши и во уште дузина слични претпријатија на успешни бизнисмени. Има ли некој што ги проверува книгите на тие фирми? Има ли некаква инспекција што реагира кога некој се занимава со дејност за која не е регистриран? Има ли во Министерството за финансии некаква девизна инспекција што води сметка за тоа кој како работи со големи девизни средства? Ако некој те измами дека ќе ти најде работа за илјада марки и не ти ги врати парите, судот ќе го гони за измама. Ако некој измами стотици луѓе за милиони марки – тогаш виновни се тие што му ги дале парите.
2. Може ли уличниот револт на граѓаните во Албанија да се повтори и меѓу македонските измамени “штедачи”? Има ли некаква балканска врска меѓу сите случувања во соседството? Такво прашање му постави новинарката на државната телевизија на министерот за внатрешни работи Томислав Чокревски. Министерот знае. Ама не кажува.
3. Додека новокомпонираните им земаат мерка на наивните, во супермаркетите од синџирот “Тинекс” во Скопје бесплатно им го мерат притисокот на купувачите. Веројатно, се работи за успешен маркетиншки потег, иако се препорачува граѓаните да си го измерат притисокот пред да дојдат до касата. Би требало притисокот да се мери и на наплатните пунктови на “Електростопанство”. Зашто тоа таму навистина е потребно. Во супермаркетот имаш право на избор. Ако не ти се допаѓа во “Тинекс”, ќе одиш кај соседот, а од “Електростопанство” не се бега. Особено се опасни кога не можат да ги наплатат сметките од големите фирми, па кај станарите не дозволуваат ни еден месец задоцнување. А притисокот особено се зголемува кога ќе ти ја пресметаат каматата.
Рекламата што оди на телевизија гласи “Енергијата е наша работа”. Сигурно телевизијата му е голем должник на “Електростопанство”, па ваква бесмислена порака оди како компензација во реклама. Што ни порачуваат струјаџиите? Дека енергијата е нивна работа, а наше е да плаќаме? Или, дека има некое друго електростопанство чија што работа не е енергијата?
Како компензација не е лошо да се премине на реклами од типот “сендвич-човек”. Тој што не може да плати струја нека се пријави во “Електростопанство” и нека шета низ градот со “сендвич-табли” на кои е испишано “Енергијата е наша работа”. Компензацијата е наша работа.
4. И полицијата зема мера. Досега навечер со балончиња ни мереа колку алкохол имаме во крвта. Отсега, низ скопските улици ќе го мерат загадувањето од издувните гасови на автомобилите. Полицајците ќе мора да одат на стручно доусовршување по хемија.
Ако доследно се почитува апелот на Министерството за заштита на човековата средина, за однесувањето во услови на смог во Скопје, би можеле да останеме без јавен превоз. Не верувам дека и десетина отсто од автобусите, било државни, било приватни, имаат исправен систем за издувни гасови. За таксистите ич да не правиме муабет. А што се однесува до препораката да ги гасиме моторите на возилата пред семафор, можеме да направиме уште поголема беља. Тоа важи за некои фини еколошки држави во кои се возат нови автомобили. Кај нас токму пред семафор намерно се турираат моторите, за да не ни угасат. Ни фали уште намерно да ги гасиме. Потоа нема да можат да запалат. Кој ќе не турка за да запалиме? Полицајците од крстосниците!? Тие тоа сигурно би го сториле, ама не им се слободни рацете. Зафатени им се со разновидните инструменти за земање мера.