1. Како што стојат работите, изгледа дека министерката за образование Софија Тодорова ќе се сели од Македонија. Доби јасна и отворена порака од собраниската говорница. Таа вели: “Државата нема да дозволи легализирање на тетовскиот универзитет”. Пратеникот Сали Рамадани и порачува: “Ако не и одговара на министерката, нека си оди од Македонија и нека бара земја каде што нема Албанци!”
Пораката од последната собраниска расправа пред донесувањето на Законот за Педагошкиот факултет е: Нам не ни треба факултет кога си имаме универзитет. ПДП, пак, му се налути на коалициониот партнер СДСМ. Според онаа познатата – “дај му прст, ќе ти ја земе целата рака”, приказната продолжува. До иселувањето на министерката, како среќен крај од типот “… и си живееја среќни и весели во посебни држави”. Денес Педагошки факултет, утре бојкот на наставата, задутре напуштање на Собранието, малку подоцна легализирање на тетовскиот универзитет, потоа промена на Уставот, Македонија како модерна федерација, па кога ќе си отиде министерката и многумина по неа, белким ќе остане некој да ги исцрта новите граници.
Завчера беше објавен Извештајот на американскиот Стејт департмент за човековите права, во кој, во делот за Македонија, се вели дека “економската криза и задава тешкотии на Владата да најде извори за исполнување на барањата на малцинствата, како што е повеќе образование на малцинскиот јазик”. Значи, на разните емисари кои се загрижени за човековите права кај нас, некој од Владата, наместо да им рече: “Доста! Тоа се меѓународните стандарди што дури и вие не ги применувате”, им се права: “Немаме пари!” А бидејќи Албанците им се миленичиња и се интересираат само за нивните права ништо чудно да им најдат пари, да ни ги испратат и ние тука ќе си експериментираме.
2. Се случи и тоа. Врховниот суд донесе пресуда против Владата. И сите што до сега бараа правна држава, сега се изненадени. Велат, со одлуката на Судот да им се коригираат пензиите на пензионерите за 8 отсто ќе банкротирала државата. Што ќе ни е правна држава, кога имаме повисоки интереси? На Водно.
Ако навистина државата ќе банкротира, затоа што речиси две години им закинувала на пензионерите по 8 отсто, тоа значи дека ние веќе живееме во банкротирана држава. Затоа мала сатисфакција ни е ако дознаеме кој е виновен што некој работел според незаконски пропис. Дали се виновни пензионерите што Владата грешела? Ќе излезе дека ако државата банкротира, виновни ќе бидат пензионерите и Врховниот суд. Владата е амнестирана од одговорност.
Што ќе се случи ако некој утре дојде незаконски да ми одземе дел од имотот? Смеам ли да го тужам, или треба тоа да го сфатам како моја жртва за повисоки цели? Или, смее ли судот да пресуди против него, за да ги заштити повисоките цели од мене?
Се случи, голем број новокомпонирани бизнисмени со милиони марки, добиени со измама преку ветувања за големи камати, да “испарат” од земјата. Последниот од нив е случајот “Македонија реклам”. Стопанот на тоа претпријатие велат се “засолнал” некаде во Србија. Дали и него од повисоки интереси му било дозволено да избега од Македонија?
3. Во писмото на Љубисав Иванов – Ѕинго до раководството на СДСМ има толку обвинувања што било кој суд, ако се зафати да ги утврдува, би имал полни раце работа. Ѕинго ги обвинува досегашните партнери за корупција, шверц, мито, злоупотреба на положбата, ширење дезинформации, лаги, закани, создавање анонимен капитал, создавање афери, интригантсво, одмаздољубивост… На списокот на кривични дела недостига уште да ги обвини за силување.
По овие обвинувања, од страната на СДСМ се уште нема одговор. Изгледа дека и тие прават список на обвинувања против Ѕинго. Затоа и се чека. Списокот, ако не подолг, ќе биде идентичен на неговиот. Освен ако не решат на хартија да ги стават и сите големи успеси што тој ги направи за развојот на фудбалот во Македонија. Успесите во изминатото негово четиригодишно владеење се ништо во однос на она што сега има намера да го прави откако ќе го изберат за уште четири години. Досега, и така и така, можеше да се види по некој градски фудбал. А за следните избори по четири години, за да си обезбеди сигурна база, сите нови општини ќе ги направи фудбалски центри. Ќе има уште многу како Кратово.
4. Го нема, го нема, па ќе се појави. Васил Тупуркоски, на ТВ Сител, во спортската програма. Како коментатор на натпревар на американски фудбал. Мислеа ќе се појави како кандидат за претседател, па дека ќе формира нова партија, па дека ќе оди кај социјалистите, па дека ќе се определи за некое широко движење, кога ете ти го Циле во друштво со спортските коментатори. Тие што се плашат од него ќе речат дека како во американскиот фудбал освојува јарди и се стреми кон “тач даун”. Само што Циле се уште не заиграл на теренот. Стои отстрана и ги гледа другите како си ги префрлаат топките. И коментира.