Кардиолошкиот Завод“ од Охрид по повод Светскиот ден на срцето, што годинава се одбележува под мотото „МОЕТО СРЦЕ… ТВОЕТО СРЦЕ…“, синоќа беше осветлен во црвено. Медицинскиот тим од заводот на овој начин испрати порака за подигање на свеста на граѓаните за подобра грижа за здравјето на срцето, дотолку повеќе што кардиоваскуларните заболувања и натаму се причина број еден за смртност кај нас и во светот.
„Светската Здравствена Организација годинава излезе со број од 17,5 милиони смртни случаи кои настанале како последица на кардиоваскуларни заболувања. Затоа годишната пораката е всушност прашање: што може секој од нас како поединец да направи и што можеме сите ние да направиме во превенција на срцевите заболувања и здравјето? Одговорот ќе го најдеме преку лична едукација на пациентите и населението за препознавање на симптомите и начинот на живот кој не создава ризици по здравјето на срцето“, рече Елена Коваческа Башуроска, директорка на болницата.
Лекарскиот тим на пациентите им делеше брошури и совети кои се однесуваат на сите аспекти на превенција на срцевите заболувања.
Кампањата „Кардиолошкиот Завод“ Охрид, ја реализира во соработка со компанијата „Алкалоид АД“ Скопје.
Активностите по повод „Светскиот ден на срцето“ ќе завршат со хуманитарен настан од кој средствата ќе се наменат за деца со здравствени проблеми од семејства, кои се под социјален ризик.
Д. ЧУБРИЌ