На Mакедонија во моментов не и требаат избори, туку попис и прочистување на Избирачкиот список, изјави Јоханес Раи, од германската фондација Конрад Аденауер.
„Моето мислење е дека сега не се потребни нови избори. Треба попис и прочистен Избирачки список. Но, чудно е кога ни претседателот на Собранието не може да се најде на Избирачкиот список и не може да го оствари правото да гласа на референдумот“, рече Раи на денешната конференција на Македонско-германскиот форум „Градиме мостови – политики и економија“.
Негов впечаток е дека повеќе граѓаните немаат желба да ги слушаат игрите на политичарите во стилот „или си со нас или си против нас“.
„Триста илјади Македонци живеат во странство, некои велат дека се можеби 400 илјади или половина милион. Никој точно не знае колку се иселени од Македонија. Дојдено е времето да се запре овој одлив на мозоци, а за тоа е потребно да има политички систем и институции кои функционираат“, вели Раи.
Германскиот амбасадор во Македонија Томас Герберих ја повика опозицијата да не го блокира евроинтегративниот процес на Македонија и да се најде решение во Собранието.
„ Жалам што излезноста нa референдумот беше 36 отсто. Но, изјаснувањето беше консултативно, а не обврзувачко и затоа процесот треба да продолжи во институциите. Се надевам дека опозицијата лично ќе се вклучи во процесот и нема да ја одалечува Македонија од ЕУ“, рече амбасадорот Герберих.
Германскиот пратеник Торстен Фрај рече дека тој има разбирање за тоа што им е тешко на граѓаните по склучувањето на Договорот од Преспа.
„Добро ве разбирам, бидејќи се работи делумно за национален идентитет. Сепак, сметам дека е важно да се разгледаат алтернативите. Можно ли е навистина да се постигне подобра спогодба, можно ли е да се оди по патот на интеграција во ЕУ и НАТО без оваа спогодба. Ако сме искрени, ми се чини дека треба да кажеме оти ваква шанса нема да има доколку не се постигне спогодбата. Тоа е одлука на македонскиот народ и одлука што треба да ја донесе македонското Собрание“, рече Фрај.
Според Фрај, сега треба да се донесе одлука за иднината на државата и дојдено е време кога опозицијата и Владата треба да се обидат да најдат заедничко решение.
„Не се работи за тоа да се откупуваат неколку пратеници, туку Владата и опозицијата треба заеднички да најдат добро решение за добро на државата“, потенцираше Фрај.
Г. ТРПЕНОСКИ