Два дена тетовци се жалат на лошиот мирис и вкус на водата од градската водоводна мрежа. Ова посебно беше изразено вчера наутро и во текот на денот, додека денеска, непријатните мирис и вкус беа значително намалени. Жителите на Тетово се загрижени и стравуваат дека водата е загадена со некакви хемикалии, што придонесе масовно да се купува вода од продавници.
Од Центарот за јавно здравје во Тетово ја смируваат ситуацијата и велат дека водата во градскиот водовод, и покрај лошиот мирис и вкус, бактериолошки и хемиски е исправна за пиење.
„Имавме јавувања од загрижени граѓани, кои реагираа на мирисот, но и на вкусот на водата за пиење. Нашата екипа веднаш излезе на терен и покрај редовните, зеде и дополнителни мостри за анализа. Првичните физичко-хемиски анализи на водата покажуваат дека нема никакво отстапување од вообичаените вредности, според правилникот за безбедност на водата. Анализата на останатите параметри е во тек и резултатите ќе ги имаме во наредните ден-два. Денеска мостри од водата зедовме и од изворите на Попова Шапка, и кај Лисец и од градскиот резервоар и сите резултати беа исправни“, изјави д-р Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје од Тетово.
Ова не е првпат тетовската вода да го има овој мирис и вкус. Првпат ова беше забележано во октомври минатата година, набрзо по пуштањето во употреба на филтер станицата за пречистување на водата, која, преку новоизградениот цевковод, се носи од горното течение на реката Пена.
„Минатата година, кога првпат ни се случи ова, направивме целосни и сеопфатни анализи на редовните, но и на голем број дополнителни параметри. Се испитаа присутност на тешки метали, радиоактивност и уште цела една низа параметри, но резултатите покажаа дека водата, и покрај лошиот мирис и вкус, физичко-хемиски и бактериолошки беше исправна за пиење. Светската теорија и пракса, која се однесува на користење на површински води, а таков случај е и со реката Пена, вели дека е можно да дојде до појава на одреден мирис и вкус кај водата. Очигледно е дека во овој период од годината имаме распаѓање на вегетацијата, од која дел завршува и во водите на Пена. Најверојатно, тоа ги создава проблемите со нејзиниот лош мирис и вкус. И минатата година овие неповолни карактеристики кај водата се јавија непосредно после обилните дождови“, надополнува д-р Давидовски.
З. АНДОНОВ