Спомен обележјата на народните херои Димче Мирчев и Благој Страчковски од Велес, кои пред шест години беа отсртранети од Паркот на хероите, деновиве локалната власт ги постави во Младинскиот парк.
Бистите беа отстраните од Паркот на хероите, кај Ликовниот салон на 30 август 2012 година и беа во депото на Спомен костурницата. Целта беше да се создаде Алеја на великаните, која иако долго време беше најавувана, не се случи.
Во депото се чуваат уште бисти на паднати борци од Велес и велешко, кои беа на јавните површини, но беа уништувани, крадени, по што беа отстранети. Градоначалникот Коцевски најави дека и тие ќе бидат повторно претставени во јавноста.
„Со одлука на Советот на Општина Велес од април годинава, се одреди да се постават на оваа локација. Деновиве беа изградени постаменти, а на нив поставени и бистите. Останатите бисти, кои не беа претопени или продадени во отпадите, ќе ги поставиме во Младинскиот парк и паркот пред Гимназијата. Тука ќе се најдат и поетите борци од НОБ, кои беа поставени кога ‘Рациновите средби’ имаа југословенски карактер“, рече Коцевски.
П. ПЕЧКОВ