ЗАКОНСКИ МИ СЛЕДУВА НАДОМЕСТ КАКО ЧЛЕН НА УПРАВНИОТ ОДБОР ПО ФУНКЦИЈА, ВЕЛИ ШТЕРИЕВ ЗА ПАУШАЛИТЕ ВО АКАДЕМИЈАТА ЗА СУДИИ И ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ

    ЗАКОНСКИ МИ СЛЕДУВА НАДОМЕСТ КАКО ЧЛЕН НА УПРАВНИОТ ОДБОР ПО ФУНКЦИЈА, ВЕЛИ ШТЕРИЕВ ЗА ПАУШАЛИТЕ ВО АКАДЕМИЈАТА ЗА СУДИИ И ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИКоле Штериев е претседател на Советот на јавни обвинители од септември 2017 година, од кога е и член на Управниот одбор на Академијата. (Фото: СДК.МК)

    Претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штериев вели дека како член по функција на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители му следува паушал од 10.000 денари месечно, повикувајќи се на измените на Законот за Академија за судии и јавни обвинители од 5 ноември 2015 година, во демант на текстот „Вангеловски, Караџовски и Штериев со години земале паушал од по 10.000 денари месечно што не им следува од Академијата за судии“.

    „Согласно член 19 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители Сл.весник бр.20 од 12.02.2015 година, Претседателот и членовите на Управниот одбор имаат право на надомест на патни и дневни трошоци, согласно со прописите со кои се уредуваат тие прашања, освен членовите по функција. Со одредбата од член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Академија за судии и јавни обвинители, Сл.весник бр. 192 од 05.11.2015 година, член 19 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители Сл.весник бр. 20 од 12.02.2015 година се менува и гласи ’Членовите на Управниот одбор имаат право на надоместок за извршената работа, како и право на надоместок на патни и дневни трошоци, согласно со прописите со кои се уредуваат тие прашања‘. Во став 2 од истиот член стои ’Надоместокот за извршената работа од став 1 од овој член изнесува 10.000 денари‘, значи членот 19 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители Сл. весник бр. 20 од 12.02.2015 година е целосно изменет и членовите на Управниот одбор по функција не се исклучени од исплата на надоместок, согласно оваа измена на законот“, вели Штериев во демантот.

    Штериев вели и дека претседател на Советот на јавни обвинители е од месец септември 2017 година, од кога е и член на Управниот одбор на Академијата, што значи дека паушал примал една година и тоа, согласно со Закон и Одлуката на Управниот одбор на Академијата бр.02-277/9 од 13.07.2017 година, кога сè уште не бил член на Управниот одбор и не учествувал во носењето на истата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира