ПОДЗЕМНИ ВРСКИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:79:"ВМРО-ДПМНЕодржамитингзаподдршканаСДСМ

    1. Ништо од најсилното оружје за уривање на Владата со коешто, наводно, располагала македонската емиграција.  Изгледа дека човекот што пред една недела, на митингот на штедачите на ТАТ се фалеше со некаков заговор во Цирих, не успеал да ги поткупи цариниците и да го внесе супермодерното оружје во Македонија. Џабе занесено викаше: “Сите ве сакам во Скопје!” Него не го видовме на завчерашниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ. А најсовременото оружје што можеше да се забележи на плоштадот “Македонија” беа копјата и штитовите на војниците на Александар Македонски, што како декор, се врткаа околу бината.
    И Љубчо Георгиевски викаше: “Сите ве сакам во Скопје!” Излезе дека џабе ги тревожел луѓето. Ги викна да завршат една работа, а тие не ја завршија. Прво цела недела им ветуваше дека безмалку ќе прават револуција. Кога ги собра во спарното попладне на плоштадот, ги измалтретира со еден куп непознати говорници кои им се редеа според системот: ред текст, ред музика. Нејсе! Луѓето беа дојдени да го слушнат Љубчо, па речиси три часа трпеливо слушаа фрустрирачки говори од луѓе што ништо не им значат. Кога на крај се појави тој, за кого, всушност, и беа дојдени, им рече да си одат дома.
    Зошто ВМРО-ДПМНЕ го направи завчерашниот митинг? За некој архивар во Собранието да прими трочлена делегација, за да удри печат на Меморандумот!? Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ што приклонува кон граѓанска опција, ќе го стореше тоа и без митинг. Војводата на ВМРО-ДПМНЕ во функција на церемонијал –  мајстор на добро режиран фолк  на добро режиран фолк – фестивал ќе одеше до крај дури и со оној смешен ултиматум од три часа. Љубчо Георгиевски не е ни едно, ни друго. Тој би ја освоил Европа. Ама со војниците на фалангата на Александар Македонски.
    Единствен ќар од овој митинг извлече СДСМ. Доби уште седум дена. Како што почнаа ВМРО-ДПМНЕ, прво со ултиматум од еден месец, па три часа, па седум дена, ќе излезе дека со ултимативните рокови, СДСМ ќе си го истера мандатот до крај. Освен тоа Љубчо им докажа дека ништо не им може. Завчерашниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ, беше митинг на поддршка на СДСМ.

    2. Човек ќе почне да верува и во невозможното. Неделава во Македонија се одржуваше  вежбата на “Партнерството за мир” – “Спасител”. Сценариото предвиде земјотрес. И вчера во Скопје се почувствува земјотрес. Не ќе белким власта да порачала и земјотрес за потребите на вежбата. Ништо чудно. Имаат врски со подземјето.

    3. На телевизија видовме цела драма за замислениот земјотрес. Војниците од Македонија и САД извлекуваа ранети од урнатини. Истото го правеа и војниците од Романија и Албанија. Словенците мереа контаминација. Турците дејствуваа во контаминирана зона и оттаму вршеа евакуација. Контаминираните и повредените им ги предаваа на Грците. Овие, пак, ги пренесуваа жедни преку вода. Од другата страна ги чекаа Италијанците. Тие ги качуваа во хеликоптери и ги носеа в болница. Само Бугарите не знаеме што правеа.
    Во Македонија се собраа едно чудо војски. Цела недела докажуваа како функционира “Партнерство за мир”. Додека војниците вежбаа на Криволак, албанско – македонската граница се претвори во корзо. Илегалци, колку сакаш. За нивните преминувања се води некаква евиденција кај нашите органи. Илегалната трговија со оружје ја евидентира “Њујорк тајмс”. Ете и тука како на “Спасител” функционира поделбата на задолженијата меѓу Македонците и Американците.

    4. Вистинска медиумска личност беше генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Мишел Камдеси. Човекот пристигна во Македонија за да ни подели едночудо комплименти. Самиот беше изненаден од успехот што сме го постигнале. “Сé што ви рековме, сé спроведовте, а сé уште сте живи и здрави”.

    5. На октоподот му стана здодевно. Гледа никој ништо не му прави, па почна да си бара партнер за забава. Доста опозицијата го обвинуваше СДСМ за кражби во штедилниците, здравството, министерствата.. . Сега власта го обвинува ВМРО-ДПМНЕ за кражби од касата на Скопје во изминатите шест години, додека го контролираа мнозинството во собранието на главниот град. СДСМ градел пирамиди. ВМРО-ДПМНЕ градел мостови со преценет камен. Навистина, едниот октопод е многу поголем од другиот, ама имал и повеќе избор на храна. Никој не тврди дека и другиот октопод има амбиции да го стигне првиот, ама според досега покажаниот апетит, по сé изгледа, во Македонија ќе имаме борба на два октопода. Додека октоподите се тепаат, нам ни е обезбедена сигурна иднина, само ако се престориме во риби. За да може да ја оправдаме изреката: “Молчи како риба”.

    6. Овој мај поминува без традиционалните Мајски оперски вечери. Велат дека манифестацијата ќе се одржи на есен. Сé повеќе се потврдува сознанието дека повеќе ништо не е невозможно. Ако можат да паѓаат метални прачки врз публиката во театрите, тогаш зошто и мај да не може да биде наесен.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира