1. Добро е што премиерот Бранко Црвенковски експедитивно ја заврши работата со новата Влада. Му требаа само два месеца. Колку ли месеци ќе му требаат да се договори со опозицијата за терминот на следните избори? Сега ќе му треба време на новиот министер за правда да се вклучи во проблематиката на изборните закони. Потоа, законите ќе ги носат на ревизија во Советот на Европа. Па после ќе требаат преговори за корекција на изборните закони. Кај и да е, некаде во октомври идната година можеби ќе се оди на избори. Ако имаме среќа да стигнат дотогаш да се договорат. Ако не, еве кај е 2000 година. Здравје!
Со новата Влада можеме да влеземе во новиот милениум. Зашто Бранко, конечно, го одбра тимот на соништата. Иако, мислам дека некои луѓе од новиот кабинет ни на сон не би му паднале на памет да ги види како министри. За нив е најдобро, наместо да работат, да си го преспијат мандатот. Подобро тие мирно да сонуваат, отколку ние да имаме ноќни кошмари.
Велат дека изборот на премиерот бил многу социјалистички. што значи сме добиле лева Влада. Ситуацијата може да ја спаси само проамериканскиот Ханџиски. Како војник прекомандуван во дипломатијата знае да ги тренира вежбите за одбрана од опасноста од лево. Ќе викне: “Атомски – од лево!” И сите мораат да се фрлат в десно. Останува уште да го зајакне Министерството за надворешни работи. Неговиот претходник со себе си донесе многу вработени од полицијата. Ако и новиот шеф на дипломатијата го прифати Фрчковото искуство, во МНР ќе бидат прекомандувани кадри од Министерството за одбрана. Има ли посилно министерство од тоа во кое на едно место се војници и полицајци?
2. СДСМ при составот на новата Влада покажа нов метод за промоција на партијата. Тој се вика – канибализам. Сите афери сами си ги извадија. Сите епитети од типот “екологисти”, “рурални типови”, “агрономи”, “мутанти” не им ги измисли некој однадвор, туку, сами си ги делеа. Владо Поповски по весници го напаѓаше Ханџиски, Фрчкоски во научни анализи се пресметуваше со “екологистите”, Тито се криеше зад грмушки изнервиран од понудата да го напушти местото претседател на Собранието, Јане си се пакуваше предвреме, а Бузлевски пет минути не беше во Владата, следните пет минути не знаеше каде е, за најпосле да сфати дека без него Влада не бидува.
Со методата канибализам СДСМ докажа дека е вистински наследник на партијата која беше позната по револуцијата што си ги јадеше своите деца. Сега велат дека Бранко немал кадри да ја формира оваа Влада. Не е вистина! Кадрите си ги чува за следните избори. Тогаш ќе се потпира врз кадрите на Ѕинго. Тоа што на ТВ “Сител” видовме како екипата на “Силекс”, по освојувањето на фудбалскиот куп славеше со песната “Друже Тито ми ти се кунемо”, нема никаква врска со некаква југоносталгија и социјализам. Му се колнеа на Тито Петковски.
3. Сите очекувавме Ѕинго да го земе ресорот стопанство, за конечно да му помогне на овој мил и драг народ, како што вели тој. Арно ама, Ѕинго се премисли. Пред стопанството тој го претпочита здравството. Во стопанството нема пари. А во здравството има. Сега “Силекс” ќе отвори веледрогерија.
4. Претседателот на ПДПА од пред некој ден има генијална идеја, како да се реши проблемот со знамињата во “Федеративна Република Македонија”. Државата ќе има едно знаме, а сите националности што живеат во неа ќе си имаат посебни знамиња. Значи, Албанците едно, Турците друго, Србите трето, Власите четврто, Македонците петто знаме.. . Пред Собранието на Македонија ќе се постават десетина јарболи. Покрај знамето на “Федерацијата”, ќе се веат и сите други знамиња.
Предлогот е интересен и од аспект на решавање на проблемот со името, што ни го наметнува Грција. Замислете ја сликата со толку развиорени знамиња на јарболите пред сите државни институции. Супер би ни одговарало името “Обединети нации”.
5. Грците немаат право да се лутат затоа што авион на југословенската компанија ЈАТ слетал во Атина пребојосан со знаците на македонската компанија МАТ. На авионот навистина пишува “Мацедониан аирлинес”, ама на опашката е нацртано југословенското знаме, а и регистрацијата е со ознака “JУ”. Македонски авион со југословенско знаме е вистинска слика за тоа како што сакаат да нé викаат Грците. Како би требало да изгледа авион што доаѓа од “бившата југословенска република Македонија”? Токму така.
6. Грците во Македонија се претставуваат со концерти, со народна музика, со поети кои македонските издавачки куќи ги преведуваат на македонски јазик, а ние на манифестацијата “Солун, културна престолнина на Европа”, ќе се претставиме со кулинарски специјалитети. Сé уште не е договорено дали Слободан Унковски ќе ја распали скарата, или, пак, ќе земе со себе некоја тегла ајвар од резервите, ако сопругата не му приготви тавче гравче.
Ако во Солун одиме со други специјалитети ризикуваме уште еден дипломатски спор. На пример, ако културно настапиме со полнети пиперки, сарма ѓувеч или мусака, Грците ќе нé обвинат и дека им го крадеме и кулинарството. Иако во суштина, и македонската и грчката кујна се производ на турската. Турците нема да вложат протест. А и ние сме навикнати Грците постојано да ни ја запиперуваат манџата.