ПИСМЕНА ВЛАДА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:106:"Наместодаловиоктопод,македонскатамилицијабркамечки

    1. Новиот француски премиер Лионел Жоспен мораше да состави влада за 48 часа. На Бранко Црвенковски малку му беа и 48 дена. Ќе го видевме Жоспен да беше по некоја случајност на местото на Бранко. Лесно е да формираш влада во Франција. Голема држава – голем избор. Освен тоа, Жоспен формираше влада прв пат. Да беше Бранко во Франција и таму ќе ги потрошеше сите кадри. По четири реконструкции и Франција ќе беше мала за да се одберат вистински луѓе. Само што тие се недомаќини. Ќе видат дека нешто не оди, па организираат избори. Трошат пари. Ние, бидејќи пари немаме, а премиерот ни е домаќински расположен, правиме реконструкции. Среќа што вгодина доаѓа време за редовни избори. Ако дотогаш Бранко оди на уште една реконструкција, веќе нема да има со кого да реконструира. Сите ги потроши. Домаќински и одговорно. Сите ги троши, ама себе си се штеди.
    Сепак, народот треба да биде задоволен и од овој состав на владиниот кабинет. По заклетвата во Собранието, министрите се потпишаа на свечените изјави. Може да зборува кој што сака, ама телевизиската слика не лаже. Министрите намерно се потпишуваа пред камерите на државната телевизија. За да нè уверат дека се писмени.

    2. Како сега кога Владата треба да тргне во нови работни победи луѓето од градското собрание на Скопје ја алармираат јавноста дека мостот “Гоце Делчев” може да се урне самиот од себе, во секој момент. Велат дека имаат стручно мислење од двајца професори од Градежниот факултет и од двајца професори од Институтот за земјотресно инженерство и дека нивните извештаи уште пред два месеца биле испратени до Министерствата за сообраќај и за урбанизам и градежништво кои треба да решат дали мостот да се санира и привремено да се забрани сообраќај.
    Кој пред два месеца можеше да размислува за реконструкција на мостот, кога животно важно прашање беше реконструкцијата на Владата. Па, не знаеш на што да се концентрираш. Дали ќе падне мостот, или ќе падне министерот? Со изборот на новиот состав, таа дилема е разрешена. Мостот може да падне, ама Владата не смее. И да немаме мост, ќе мора да остане некој што ќе може и натаму да нè пренесува жедни преку вода.

    3. Ги видовте Албанците!? Не знаат ни еден атентат да направат. Оној, несудениот атентатор на Сали Бериша, заборавил да го извади осигурувачот од рачната бомба, па излезе како да го гаѓал претседателот со камен.
    А ваму ја плашат Македонија со крвопролевање. Руфи Османи не го дава знамето на Албанија и – едно, две: “Ќе има крвопролевање”. Вчера универзитет, денес знаме, утре уставотворно собрание, задутре рампа на граница… Волшебниот збор “крвопролевање”  ги решава сите проблеми.

    4. Под мотото “Да не дозволиме мечката да заигра и пред наша врата”, специјалците на македонската полиција пред еден месец имале здружена тактичко-показна вежба во кругот на Зоолошката градина во Скопје. Тие можеби не можат да го симнат албанското знаме од јарболот во центарот на Гостивар, ама, пак, затоа можат да отепаат мечка.
    Овие вежби специјалците ги изведуваат континуирано, од спектакуларното филмско напаѓање и освојувањето на дирекцијата на ГП „Пелагонија” во Скопје. Потоа, според сценариото требаше да се брка зајак и како во народната поговорка, бркајќи зајак, да избркаат мечка. Арно ама, случајот сакаше мечокот Мартин од Зоолошката градина самиот да ја прескокне оградата, да го повреди стомакот и разлутен да шета низ Градината. Во тој случај, кој може да ги спаси скопјани од мечките? Нормално, специјалците кои имаат пушки со ласерски нишан и кои можат по двочасовно гонење на сиромашкиот Мартин низ ноќта, да го погодат в глава. Ако заиграше мечката пред портите на зградите во близината на Зоолошката градина, на помош ќе пристигнеше и УНПРЕДЕП.
    Нормално е што нашите специјалци се специјализирани за ловење мечки. Македонија нема море. Да имаше каде да вежбаат, можеби полицајците ќе знаеја да ловат и октоподи.

    5. Завчера беше јавено дека група од 25 македонски брокери и банкари, кои ги претставуваат сите главни банки и штедилници во Македонија предвиделе дека њујоршката берза на Вол стрит е на работ на опасноста од колапс.
    Се очекува на следниот семинар, македонските брокери и банкари да предвидат кога ќе проработи македонската берза. Веројатно, по пропаѓањето на Вол стрит.

    6. Трио “Фантастикус” на Катедрата за меѓународно право на Правниот факултет во Скопје: Васил Тупурковски – Денко Малевски – Љубомир Фрчкоски.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира