ОРЦЕ КАМЧЕВ И ЧЕТВОРИЦАТА СОРАБОТНИЦИ СЕ ДОБРО, ЗА НИВ ВАЖАТ ИСТИТЕ ПРАВИЛА КАКО И ЗА СИТЕ ШТО СЕ ВО ПРИТВОР, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ЗАТВОРОТ „ШУТКА“

    ОРЦЕ КАМЧЕВ И ЧЕТВОРИЦАТА СОРАБОТНИЦИ СЕ ДОБРО, ЗА НИВ ВАЖАТ ИСТИТЕ ПРАВИЛА КАКО И ЗА СИТЕ ШТО СЕ ВО ПРИТВОР, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ЗАТВОРОТ „ШУТКА“За Камчев, Панделески, Јосифовиќ, Арсовска и Мирчевски, кои во раните утрински часови биле спроведени во затворот Шутка, истрагата, распитот и подготвувањето одбрана продолжува во понеделник. (фото: Ѓ. Личовски)

    За Орце Камчев, Цветан Панделески, Ненад Јосифовиќ, Зорица Арсовска и Тодор Мирчевски, кои по добивањето мерки притвор од по 30 дена во раните утрински часови биле спроведени во затворот Шутка, истрагата, распитот и подготвувањето одбрана продолжува во понеделник.

    „Утринава разговарав со притворените пет лица за кои се интересирате, ми рекоа дека се чувствуваат добро. Од понеделник тие добиваат право на посета од најблиските членови на семејството, како и од адвокатите, во рамки на истрагата што продолжува да ја води обвинителството против нив. Истите правила што важат за сите лица лишени од слобода во истражниот затвор, ќе си важат и за најновите пет притворени лица“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на затворот Шутка Ѓоко Котевски.

    Мирчевски е директор на контроверзната оф-шор компанија „Ексико“, Панделески е директор на земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ и сопственик на „Пелистерка“, Јосифовиќ е соработник на Камчев, а Арсовска е сметководителка во неговите фирми.

    СЈО соопшти дека отвори истрага под кодно име „Империја“ против 12 лица: Јордан (Орце) Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.

    По извршен претрес во „Орка холдинг“, „Стопанска банка Битола“ и други фирми на Камчев, но и во „Пелистерка“ на Цветан Панделески, СЈО заплени доказен материјал и петтемина од осомничените ги донесе пред судија на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1 кој им одреди притвор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира