Невладината организација „Грифон КИЧЕВО“, која се грижи за бездомни животни во овој град, започна изградба на стационар во селото Бигор Доленци (стара Кожара). Првично стационарот ќе може да прифати 150 бездомни кучиња, а во целиот град ги има околу 180.
„Во процесот на доизградба на стационарот се потребни многу поголеми парични средства, а најголемата улога на овој објект ќе биде стационирање на многуте бездомни кучиња кои ги има во нашиот град и чија бројка изнесува дури 180. Општина Кичево веќе обезбеди стерилизација, кастрација и вакцинација и планот е оваа постапка таму да биде довршена. Со тоа, многу од постоечките болести кои се шират од бездомните кучиња ќе бидат решени, како што се шугата, вошките и жолтицата. Најважното од целиот овој проект е што кучињата ќе бидат тргнати од улица и ќе бидат нахранети и згрижени во топли простории”, вели Александар Вренцоски од „Грифон”.
Од здружението напоменуват дека ги немаат сите потребни средства за реализација на овој проект и затоа апелираат до сите кои можат да помогнат да издвојат според нивните можности.
„Средства ќе бидат потребни и за континуирано снабдување со храна за згрижените кучиња, вакцинација, лекување, подобрување на условите за живот и за зголемување на капацитетот”, велат од „Грифон”.
Според некои информации, овој стационар ќе биде единствен во западна Макаденија кој ќе биде изграден според сите стандарди за чување на бездомни кучиња.
Д. ЧУБРИЌ