1. Три работи ја потресоа Македонија само во еден ден. Во средата имавме немири со загинати во Гостивар, во Скопје беше објавена девалвација на денарот, а во Мадрид не нé примија во НАТО. Можеби како компензација за овој последниот шок, беше и организирана вежбата која ги обединува сите три настани во едно, под тајната шифра: “Операција девалвација”. Сé уште не се знае дали интервенцијата на македонската полиција во Тетово и Гостивар ќе влезе во бонусот вежби во рамките на “Партнерството за мир”, ама барем сега дефинитивно ни стана јасно дека сме имале полицајци кои не ги бивало само да бркаат шверцери по пазарите и да затвораат кафеани во еден часот по полноќ, туку и да учествуваат во ослободување на окупирана територија.
По сé изгледа челниците на новоформираната Демократска партија на Албанците продолжуваат по старо кога и неколку дена по немирите во Гостивар изјавуваат дека централната власт ја нападнала локалната. Штета што на Арбен Џафери никој не му јавил дека полицијата се подготвува да ги симне албанските знамиња. Него тоа не му било логично. Што бара македонска полиција на негова територија? Да знаеше, можеби ќе ја организираше својата војска, промовирана минатиот викенд со црните кошули и двоглавите орли низ улиците на Тетово. Ама, кога виде колку сé му дозволуваат, не ни помисли дека некогаш ќе мора од зборови да помине и на дело. Кога тој и неговите другари Руфи Османи и Алајдин Демири мафтаа со двата прста во знакот на победа под развиорените албански знамиња и се силеа дека по секоја цена ќе го бранат знамето, не очекуваа дека во оваа држава некому конечно ќе му падне на памет дека Тетово и Гостивар се сé уште во Македонија.
Не се сеќавам добро. Имаше ли жртви и повредени во немирите по повод прогласувањето на парауниверзитетот во Мала Речица?
2. Премиерот Бранко Црвенковски прексиноќа ги посетил полицајците што се на должност во Гостивар и им оддал признание за зачувувањето на уставниот поредок и територијалниот интегритет на државата. Сигурно и на оваа вест ќе реагира Арбен Џафери. Како се осмелил премиерот на централната власт така ненајавено да се појавува на територијата на неговата власт? Кога доаѓа државник од странство му се приредува и свечен пречек. Во негова чест можеби ќе ја построеја свечената гарда во црни кошули, а Бранко ќе се поклонеше пред албанското знаме.
Бранко очигледно не сакал да биде забележан.Којзнае како го спровеле на ослободената територија. Можеби го возеле маскиран како запуштена русокоса девојка со очила, што заборавила да се издепилира. Тоа не би било пријатна глетка за полицајците. Затоа решил да им се појави ноќе. Во темница. Бидејќи Бранко никогаш не спие. И бидејќи сé што прави оваа власт, најдобро го прави во темница. И знамињата ги симнаа среде ноќ. И законот го донесоа околу полноќ. Велат дека и договорот со ММФ за девалвацијата паднал во неделата, ама ноќта. И новиот состав на Владата премиерот го бранеше навечер. Сите клучни закони во Македонија ги има донесено Собранието во вечерните часови. Ако се сеќавате, дури и гласањето за Уставот на Република Македонија во ноември 1991 година беше само што се спушти ноќта.
3. Пред извесно време премиерот им порача на граѓаните дека наскоро ќе ги почувствуваат поубавите страни на реформите. И – изврши девалвација на националната валута. “Макпетрол” и рафинеријата “Окта” веќе побараа покачување на цената на нафтените деривати. Велат дека струјата нема да поскапува, ама Електростопанство е махер тоа да го стори и сите да нé прави луди, кога ќе им дојде времето за премин од летна во зимска тарифа. Тоа значи дека ќе поскапи буквално сé. А платите што ги примаме со задоцнување, или воопшто не ги примаме, ќе вредат уште помалку.
Тоа значи и дека дефинитивно оваа есен нема да има избори. И не треба. Ѕинго бараше девалвација, Владата ја направи. ВМРО-ДПМНЕ бараше инфлација, на добар пат сме да ја добиеме. Што сакаат сега? И избори!? Освен тоа, не смее СДСМ да дозволи избори толку брзо откако го подмлади раководството и внесе нови идеи. Прво мора да се работи на убедување на гласачкото тело колку ни е убаво. Исто како што Црвенковски ги убеди своите сопартијци на годишната конференција на СДСМ минатиот викенд. Тој самокритички се запрашал дали во Македонија ситуацијата навистина е најтешка во Европа. И си одговорил дека кај нас е неспоредливо подобро отколку во Албанија, СР Југославија и Бугарија. Тоа е навистина успех за почит. Факт е дека сме подобри од овие држави. А пред фактите и опозицијата молчи. И не смее да прашува што е со Хрватска, Словенија, Чешка, Унгарија, Полска.. . Затоа што се работи за политика на континуитет. Подобри сме од тие од кои што сме биле подобри. А полоши сме од некои што биле многу полоши од нас.
Во лето некако полесно се поднесува замрзнувањето. Ама уште во септември ќе почувствуваме колку ќе ни биде жешка и есента. Само да нé ѝ текне на власта повторно да ја активира полицијата. Аман, нека седат мирни Џафери, Демири, Сулејмани и компанија. Ако со секоја интервенција на полицијата оди и по една девалвација, тешко нам. Ќе отиде марката преку сто денари.
4. Не знам што е работава. Ем лето, ем нешто многу рано ни се стемнува. Прекрасна е оваа ноќ за нас.