Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев побара невладините организации и здруженијата на граѓани кои беа против изградба на гасоводот на Водно да имаат разбирање за стратешката важност на проектот за гасификација, и најави дека следната година за за 80 отсто ќе се забрза неговата реализација.
„Како ќе делува невладиниот сектор и здруженијата на граѓани не можам да знам, но ги повикувам да имаат разбирање за стратешката важност на овој проект и да бидат наши партнери во негова реализација, односно заеднички да ги контролираме градбите за да бидеме сигурни дека се изведени добро“, рече Анѓушев.
Тој кажа дека уште за изградба на гасоводот веќе била издадена градежна дозвола и има договор за заем со Дојче банка и Ерсте груп банка.
„Тој проект каде и да поминува ќе има минимално влијание врз животната средина, особено на Водно. Со изместување на трасата каде ќе има минимални штета врз шумата сметаме дека проектот може да се реализира. А сечењето на шумата на Водно е количина на дрва што ја користат 50 семејства во една година за греење. Со изградба на гасоводот треба да се размислува колку шума ќе се заштеди, односно која е позитивната страна на реализација на овој проект. Со него не се штитат само шумите од натамошно сечење, туку се заштитува и воздухот, ако направиме гасот да биде енергенс за загревање само по себе ќе реши дел од проблемите со аерозагадувањето“, рече Анѓушев.
Во буџетот за следната година предвидени се 1,562 милијарди денари за изградба на гасоводната мрежа, од кои 1,5 милијарди се од заеми, а 62 милиони денари се од основниот буџет.
Во буџетот стои дека со овие средства е предвидена изградба на првата фаза од националниот гасоводен систем, делницата Штип – Неготино – Битола и делницата Скопје – Тетово – Гостивар.
Е. БОЧВАРОСКА