АМБАСАДОР ЏАФЕРИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:105:"Противдепресијаземајте"Ханџомицин",баремеднашдневно

    1. Министерството за надворешни работи на Македонија го чекаше претседателот на Демократската партија на Албанците Арбен Џафери да се врати од Луксембург, за да ја објави содржината на пораката што Европската унија им ја упати на Владата на Македонија и на двете политички партии на Албанците, за нејзиниот став за гостиварските нереди. Така било договорено со амбасадорот на Обединетото Кралство Марк Дикинсон, кој во името на ЕУ, бил задолжен да ја пренесе изјавата до сите страни. Речено – сторено. И така, два милиона луѓе шест дена чекаа да се врати Џафери од Луксембург, затоа што на македонската Влада така ѝ било сугерирано.
    Тоа е веројатно вообичаена практика во светот. На пример, што би се случило кога некој би почувствувал потреба да даде свое мислење, или да упати порака по повод неодамнешните судири во Северна Ирска? Пораката ќе биде упатена  до двете страни – до владата во Лондон и до лидерот на политичкото крило на ИРА, Шин Фејн – Џери Адамс. Арно ама, ако случајно во тоа време Џери Адамс бил надвор од земјата, да се жали како кралевската полиција ги тепа Ирците, британската Влада ќе почека тој  да се врати дома, да ја прочита пораката на добронамерните, и дури по шест дена задоцнување ќе ја објави во медиумите.
    Ние, за разлика од Британците имаме среќа што нашиот Арбен Џафери е многу поважен од Џери Адамс. Ете, Македонија не ја примаат во ЕУ, а Џафери го примаат. Тоа е особено добро за изградбата на  дипломатски кадри кои во вистинско светло ќе ја претставуваат нашата држава. Џафери тргна по испробаниот рецепт. Своевремено, Мухамед Халили од конкурентската партија на Џафери, ПДП, одеше во Советот на Европа за да лобира Македонија да не ја примаат во Советот заради кршење на човековите права на Алабнците. Како награда за афирмација на државата, Халили стана амбасадор во Данска. Арбен Џафери е на најдобар пат да стане македонски амбасадор во НАТО.  Човекот е стратег, а општа специјалност му се воени конфликти.

    2. Не треба да се биде очаен затоа што ни Европската унија, ни НАТО не сметаат на нас, во наредните кругови. За лечење на фрустрациите дека сме целосно заборавени заедно со Албанија, Србија и Босна,  Владата на Македонија ви го препорачува најновиот лек  против депресија “Ханџомицин”. Земајте го “Ханџомицин” барем еднаш дневно и ќе се чувствувате еуфорично. Не претерувајте со дозирањето, затоа што прекумерната доза ќе предизвика несакани реакции, па ќе почнете да се однесувате како актуелниот министер за надворешни работи. Ќе ви се чини не само дека сме членки на ЕУ и НАТО, туку и дека сме претседавачи на Унијата, а вгодина има шанси  широко почитуваниот Џафери да го замени Хавиер Солана на местото генерален секретар на НАТО.

    3. Следната сабота, на прославата на Илинден може да биде многу забавно. Не затоа што албанското знаме ќе може да се вее, а полицијата не ќе мора да интервенира. Повеќе, за најавеното двојно прославување на Мечкин камен – едното државно, а другото на ВМРО-ДПМНЕ. На државното треба да зборува претседателот на Републиката, Киро Глигоров, а на партиското, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски.
    Кај нас и од национален празник може да се направи мајтап. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ изјавува дека ако Глигоров сака, ќе му дозволеле да му се обрати на народот. Тие си направиле резервација на прославата уште во јуни, а претседателот сака да се појави во Крушево без резервација. Не може. Таму ќе кампувале 500 младинци од подмладокот на партијата. Ако државата сака токму на  тоа место да го прослави празникот, ќе мора да ги расчисти шаторите. Со кампувањето имаме скромна, но забележителна традиција. Подмлаткарите на ВМРО-ДПМНЕ кампуваа пред Собранието на Македонија во Скопје, во февруари и март, па не ќе можат да кампуваат сега среде лето во Крушево!?  Може евентуално пак да се јави Министерството за екологија да апелира да не се гази тревата и да забрани кампирање затоа што таму нема санитарен чвор.
    Не верувам дека сега по 94 години ќе се развие некоја нова битка на Мечкин камен меѓу Фалангата на Александар Македонски и полицајците на Чокревски. Дури, не е лошо да останат и шаторите. Ако веќе се прави зафрканција со националниот празник, барем и нека личи на панаѓур.

    4. Од сите објаснувања зошто Европа не нé сака, најмногу ми се допадна она на еден висок владин функционер, кажано во неврзан разговор. Замисли, вели, да си ги викнеш во куќа соседите, а тие се испокараат и испотепаат пред тебе, го истрошат цел семеен буџет, нешто ти украдат, нешто ти уништат.. . Би ги викнал!? На скали и по ходници ќе им се правиш фин и ќе им викаш “Што не дојдеш комшија?”, а кога ќе влезеш дома, ќе ја заклучиш вратата и кога ќе ти ѕвонат само ќе ѕиркаш низ шпионката и ќе се правиш дека не ги слушаш.

    5. Го видовте ли потпретседателот на Владата Бузлевски, кога фати онака, акцијашки “Ооо – рук” да фрла лопати во дупката за темели на трафостаницата во Теарце. Само нека рече некој дека Владата не ни е силна. Да не му ја земеа лопатата од раце, самиот ќе ги ставеше темелите. Тоа што во последно време, или се градат, или се пуштаат трафостаници, значи и дека Владата ни е струја.Ќе биде лошо, ако му текне на премиерот Црвенковски, како за локалните избори да пушта вода од чешмичките во Мариово. Не оди, еден да пушта вода, а друг – струја. Ете ти струен удар. Да не сме малку дрмнати и до сега?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира