ПРУГАТА ОД БИТОЛА ЗА ГРЦИЈА ДО НОВА ГОДИНА ЌЕ БИДЕ ПУШТЕНА ВО УПОТРЕБА, ВОЗ ДОПРВА ЌЕ СЕ ОБЕЗБЕДИ

    ПРУГАТА ОД БИТОЛА ЗА ГРЦИЈА ДО НОВА ГОДИНА ЌЕ БИДЕ ПУШТЕНА ВО УПОТРЕБА, ВОЗ ДОПРВА ЌЕ СЕ ОБЕЗБЕДИПроектот за изградба на пругата до грчката граница чини 17,2 милиони евра (Фото: СДК.МК)

    Поставени се шините на пругата од Битола до грчка граница, а до Нова година останува да се довршат другите делови околу пругата, како сигнализацијата, струјата, информатичкиот систем, железничката станица и паркингот. Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев при денешниот увид на градбата рече дека пругата ќе биде пуштена во употреба до Нова година.

    „Ова беше проект со многу технички проблеми и со проблеми во изведба. Имаше претходно изведувач кој не ги завршуваше работите. Вложивме голем напор за да се надминат проблемите како од технички, така и од финансиски аспект. Пругата со сите свои сегменти ќе биде завршена до крајот на оваа година. Можно е да биде пуштена во употреба до 31 декември. Целокупните градежни работи се завршени, останува да се надеваме дека до Нова година ќе ги видиме и првите возови како поминуваат по оваа пруга“, рече Анѓушев.

    Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески запрашан дали тоа ќе бидат нови возови или ќе се користат старите, рече дека дел од локомотивите ќе бидат поправени, а сѐ друго што е неопходно, ќе се набави.

    „Најбитно за нас во моментот е да овозможиме оваа пруга да биде функционална. Во делот на возобновување на возовите размислува Владата, а со вицепремиерот и со директорите на Транспорт и железници сме разговарале за поправките на локомотивите. Дел од тие локомотиви ќе бидат во употреба, а сè она што треба дополнително да се набави, вклучувајќи возови, ќе биде од наша страна направено“, рече Сугарески.

    Пругата од Битола за Грција ќе биде ставена во функција по 32 години. Проектот за нејзино обновување беше едно од големите ветувања на претходната власт, но тогашниот бугарски конзорциум не ја изгради пругата, ги проби роковите, а подизведувачите ги остави со празни џебови. Новата Влада пролетоска вети дека до ноември ќе се изгради пругата и таа забрзано се градеше изминатите месеци. Станува збор за проект од 17,2 милиони евра, од кои шест милиони се ИПА средства, а 11 милиони евра се од буџетот.

    Со претходната компанија која не ги исполни договорите Македонија води судски спор.

    Пругата ќе го забрза и транспортот на стока и патници. Досега, извозно ориентираните компании од Битола го вршеа извозот на стока до Солунското пристаните преку Гевгелија.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира