Собраниската контрола на разузнавањето и на безбедносните системи е еден од столбовите на безбедноста и стабилноста на една држава, вели претседателот на Собранието Талат Џафери.
Џафери рече дека безбедноста и разузнавањето се сектори кои по природата на работењето се судира со човековите права и слободи, но нивното правилно функционирање и контрола зависи од функционирањето на правна држава.
„Меѓународните стандарди за заштита на човековите права и слободи и владеење на правото, налагаат работењето и овластувањата на овие служби да бидат дефинирани со закони кои се лесно разбирливи. Втор услов е ефикасна парламентарна контрола врз безбедноста и разузнавањето. Затоа ако нема ефикасна собраниска контрола, овие сектори наместо да ја гарантираат безбедноста можат да станат генератори за кризи“, рече Џафери на промоцијата на публикацијата „Насоки за надзор над разузнавањето“ денес во Собранието.
Како пример за неефикасен парламентарен надзор врз безбедносните служи и нивна злоупотреба, Џафери ја посочи аферата со прислушувањето, која беше обелоденета во 2015 година.
„Аферата со прислушувањето од 2015 година потврди дека без ефикасна парламентарна контрола на безбедносните и разузнавачките системи, тие прераснуваат во значајна алатка на авторитативно владеење на тесна група на луѓе, а во исто време и за задоволување на нивните лукративни потреби“, рече Џафери.
Во Собранието има три комисии кои имаат надлежност врз безбедносните и разузнавачките служби: Комисијата за одбрана и безбедност, Комисијата за надзор над работата на УБК и Агенцијата за разузнавање и Комисијата зад надзор на примената на специјална истражна мерка следење на комуникациите.
Џафери рече дека со формирањето на новото тело Оперативно-техничка агенција (ОТА) ќе придонесе за отстранување на можноста УБК да врши следење на комуникациите.
На промоцијата покрај Џафери, зборуваа и амбасадорите на Холандија и на Велика Британија, Вутер Пломп и Рејчел Галовеј, Лукаш Холуб, од делегацијата на ЕУ во Македонија, и претседателите на собраниските комисии надлежен за контрола на безбедносните и разузнавачките служби, Хари Локвенец, Трајко Вељаноски и Емил Димитриев.
Г. ТРПЕНОСКИ