90 ОТСТО МАКЕДОНСКИ ГРАЃАНИ ПРИФАЌААТ НИВНОТО ДЕТЕ ДА ДРУГАРУВА СО ДЕТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ, ПОКАЖА ИСТРАЖУВАЊЕТО НА УНИЦЕФ

    90 ОТСТО МАКЕДОНСКИ ГРАЃАНИ ПРИФАЌААТ НИВНОТО ДЕТЕ ДА ДРУГАРУВА СО ДЕТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ, ПОКАЖА ИСТРАЖУВАЊЕТО НА УНИЦЕФ„Позитивните промени во знаењата, ставовите и практиките во општеството треба да бидат проследени со забрзано спроведување на политики и програми за претворање на инклузијата во реалност за десетици илјади деца и возрасни со попреченост во земјата“, вели Бенџамин Перкс, претсавник на УНИЦЕФ во Македонија;- од кампањата 'Биди фер, за детство без пречки' (Фото: Фејсбук)

    Над 90 отсто од граѓаните во Македонија сметаат дека е прифатливо нивното дете да биде сосед, познаник, соученик и другар на деца со попреченост, за разлика од 2014, кога 32 отсто дале ваква изјава. Ова го покажа најновото истражување на УНИЦЕФ, според кое Македонија постигна неверојатен напредок во отстранувањето на бариерите во ставовите на луѓето кои ги спречуваат децата со попреченост да го заземат своето заслужено место во општеството.

    „Позитивните промени во знаењата, ставовите и практиките во општеството треба да бидат проследени со забрзано спроведување на политики и програми за претворање на инклузијата во реалност за десетици илјади деца и возрасни со попреченост во земјата. Веруваме дека ова ќе покрене демократски барања за поголема инклузија и дека ќе ја забрза имплементацијата на системските реформи кои се во тек, за да се обезбеди секое дете да ја добие поддршката што му треба да оди на училиште со своите врсници, да добие здравствени и социјални услуги, и за да се стави крај на исклучувањето, изолацијата и институционализацијата на децата со попреченост“, рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во Македонија.

    Според истражувањето, 86 отсто од анкетираните годинава во споредба со 58 проценти во 2014 разбираат дека општеството и околината треба да се прилагодат за да одговорат на потребите на децата со попреченост.

    „Постои шесткратно зголемување, од 4 проценти во 2014 година на 24 проценти годинава, во бројот на луѓе кои веруваат дека најдобар пристап кон образованието на децата со попреченост е да одат во редовни училишта и да учествуваат во редовна настава заедно со своите врсници без попреченост“, велат од УНИЦЕФ.

    Според истражувањето годинава 73 отсто, во споредба со 55 отсто пред четири години, веруваат дека инклузивното образование им користи како на децата со попреченост, така и на децата без попреченост, за подобрување на социјалните вештини, толеранцијата и почитувањето на различностите. Годинава 62 отсто, во споредба со 45 отсто пред четири години, изјавиле дека познаваат дете со попреченост и дека имаат почести контакти.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира