Осудениот Николче Дамчевски, гинекологот кој девет месеци лажеше пациентка дека е бремена, избегал од Македонија со бугарски пасош. Основниот суд Скопје 1 за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека утринава по проверките, го нашле македонскиот пасош на Дамчевски во депото во судот.
„Дамчевски имал одредено мерка за обезбедување присуство, односно поради опасност од бегство и таа мерка воопшто не му била укината до правосилноста на пресудата и потоа и таа е во сила и денеска. Минатиот месец судија за извршување на санкциите му напишал и упатен акт за издржување на двегодишната затворска казна“, велат од Кривичниот суд.
Оттаму најавуваат детали по увидот во предметот, кога и дали му бил врачен упатниот акт на осудениот гинеколог-измамник, дали бил баран-најден дома, дали е известено МВР и има ли или не потерница по него.
Наместо да оди на издржување на казна затвор во траење од две години, тој им избегал на македонските правосудни органи. Освен казната затвор која Апелациониот суд ја потврди и ја зголеми од 1, 6 месеци на 2 години, Дамчевски има и забрана за вршење на дејноста во траење од 8 години.
Лекарската комора нему му ја одзеде лиценцата, а порталот „Нова ТВ“ во своја истрага вчера објави дека Дамчевски го пронашле како си работи во бугарската клиника „Мајчин дом“, па дури и закажале преглед кај него. Оттаму стигнала и официјална потврда дека избеганиот гинеколог ординира најнормално во установата.
С. К. ДЕЛЕВСКА