ДЛАБОКО ОРАЊЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:126:"Оддлабочинатанареформите,несегледаатрезултатитенаповршината

    1. Има место за оптимизам. Особено сега, откако СДСМ ја обелодени својата економска стратегија. До сега, проблемот беше што Владата немаше своја програма. Арно ама, на овие од СДСМ им здодеа да гледаат како Владата работи без програма, па решија да ѝ помогнат. Сега и премиерот може да здивне. Претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски ќе го советува премиерот Бранко Црвенковски што да прави за да ни го направи животот поубав. Димитар Бузлевски од СДСМ се помачил и направил програма што ќе му ја предложи на потпретседателот на Владата Димитар Бузлевски. Отсега повеќе нема да има никакви импровизации. Ако Бранко не го слуша Бранко од СДСМ и ако Бузле не постапува така како што му вели Бузле од партијата, СДСМ не може да ја преземе одговорноста за евентуалните неуспеси на Владата.  Впрочем и самиот премиер беше јасен. Тој рече дека избори ќе има тогаш кога тој мисли дека треба да ги има. Тоа значи, ако нему, како претседател на СДСМ не му се допаѓа како работи премиерот, ќе свика избори за да дојде на негово место.
    Иако, искрено мислам дека за избори не треба ни да размислуваме. Треба да се остави простор и време барем малку да заживее програмата што ни нуди брз стопански развој и вработување. Не е ни чудо што ваква оптимистичка програма се нуди дури по пет години владеење на истата структура. Зошто на пример не направија ваква програма пред пет години? Е, многу сакате. Тогаш ќе ни беше многу убаво и ние ќе си мислевме дека така требало да биде. Вака, сега кога ни е лошо, тие ни ветуваат дека можат да нé извлечат за да не ни биде уште полошо. И во добро и во лошо, без нив не се може.

    2. Дури сега станува јасно зошто на многумина во оваа држава им е мрачно. Тоа ти било како последица на реформите. Убаво ни објасни господинот Иван Бојков дека до сега се водела релативно добра политика на длабоки реформи. Копале, копале, отишле многу длабоко со реформите и – нема сонце.  Од длабочината не можат да се видат резултатите. Само мрачно дно и мрак наоколу. Не очајувајте! Секогаш може да се оди уште подлабоко.
    Бидејќи нема друга алтернатива, Владата ќе продолжи со политиката на длабоки реформи. Само што овојпат, поткрепена со партиската програма таа ќе дава подобри резултати. Есен е. Се собира летнината и време е да се копа по нивите. Некој рече дека со прикаските за економската програма повторно нé работат како нива. Тоа апсолутно не е точно. За пет години владеење, ако ништо друго, барем ја усовршија технологијата на “работење” на гласачкото тело. Ова не е копање, туку орање. И тоа есенско, длабоко орање. Штета што заврна. Ќе се направи кал. Ми е страв дека ќе се  избербатиме. Длабоко ќе заглавиме.

    3. Не помина ни една недела откако на ова место констатирав дека една од ретките странски инвестиции во Македонија, ресторанот “Мек Доналдс” сé уште работи, кога времето и познатата македонска деловност ме демантираа. Американците што живеат тука сигурно се крстеле кога виделе дека нивната омилена хамбургерница не работи затоа што ја затворила трудова инспекција. И кај нив, институцијата “работа на црно” не е непозната работа, ама обично од 129 вработени се обидуваат да прошверцуваат десетина. Ние бидејќи сме рационални, од 129 вработени, криеме околу 120.
    Кога се отвори скопскиот “Мек Доналдс”, покрај тоа што претставуваше првокласен политички и медиумски настан, беше прифатен и како, каков-таков импулс кон нови вработувања, затоа што таму си нашле работа повеќе од 100 млади скопјани. Замижавме пред фактот дека месото е од Унгарија, лепчињата од Србија, а кечапот и компирчињата којзнае од каде. Најважно беше – се нашла работа за стотина луѓе. Кога, што излезе на крајот? Ни месото наше, ни лепчињата наши, ни компирот, ни кечапот, па дури немало ни наши вработени! Кога пукна аферата со непријавувањето се виде дека ни ресторанот не се вика “Мек Доналдс”, туку “Рекорд”. А и компанијата што го води ресторанот не е  “Мек Доналдс”, туку се вика “СЈ”. Па не знаеш дали е тоа кратенка од Свето Јаневски или Србија – Југославија. И не знаеш дали можеш да веруваш дека строгите стандарди на светскиот синџир за брза храна ќе можат да ги почитуваат деца што не се вработени и утре можат и да не дојдат на работа.  И не знаеш дали “Мек Доналдс” воопшто постои или си влегол во обична сендвичарница, пиљарница, кафуле или слаткарница какви што има стотина низ Скопје со стотина вработени – невработени.

    4. Велат дека упадот на трудовата инспекција во српско-американскиот ресторан во Скопје е првата сериозна акција на Владата во програмата за намалување на невработеноста. Злобниците, кои деновиве пак измислуваат судир меѓу премиерот Црвенковски и претседателот Глигоров, оваа акција ја гледаат како доказ за тоа.  Демек, Бранко намерно го затворил “Мек Доналдс”, затоа што ресторанот го отвараше претседателот.
    Мислам дека оваа теорија може веднаш да се провери. Да не се навраќаме на свечените отпочнувања на работите на патот Велес – Прилеп и пругата кон Бугарија. Доволно е да отидеме до Старавина во Мариово, да видиме дали таму уште тече вода од чешмичето што свечено го пушташе во употреба премиерот пред минатогодишните локални избори. Ако тече вода, тогаш навистина има нешто во муабетите за недоразбирањата меѓу премиерот и претседателот. Ако пак и Бранковото чешмиче пресушило, тогаш приказните за нивното меѓусебно недоразбирање се само озборување.  Мислам дека сепак се води координирана политика. Нема пат, ама нема ни “Ауди”. Нема пруга, ама нема ни гас. Нема хамбургер, па не мора да има и вода.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира