Уметникот Симон Узуновски, еден од пионерите на уметничките интерактивни инсталации во Македонија, почина вчера на 69 години. Узуновски беше активен на сцената речиси 50 години, а повеќе години живееше и работеше на италијанскиот остров Капри.
Погребот ќе биде утре, од 14.30 часот на градските гробишта Бутел во Скопје, соопшти семејството.
Историчарката на уметност Соња Абаџиева вели дека едноставноста на идејата и спонтаната изведба на делата на Узуновски им овозможуваат и денес да ја носат аурата на актуелноста.
„Ќе ни недостасуваат многу креативните луцидни дела на овој мајстор на другоста“, вели Абаџиева.
Во средината на 1970-те Узуновски почнал да експериментира со обични и кревки материјали: дрво, селотејп, вода, стакло, весници.
„Токму кога зема замав ‘Естетичката лабораторија’ на Филозофскиот факултет (ФФ) во Скопје, се случуваат уметнички настани од поинаков карактер од дотогаш практикуваниот. Во Аулата на ФФ Узуновски го создава делото ‘Галичица’ (1976) оформено од весници, жица и селотејп и поставено во висечка позиција. Публиката е поканета да партиципира во креирањето на примарниот концепт на оваа инсталација, која тогаш терминолошки е детерминирана и како амбиентална пластика. Авторот инсистира да укаже на фактот дека каквоста и квалитетот на ликовната граѓа не се гола егзибиција и желба за сензационални постапки, туку дека се во функција на нов концепт кој укажува на поинакво перципирање и естетско трансформирање на секојдневните погледи на околината (полиња, езера, планина, грмушки). Транслацијата на природата во ликовни претстави со природни средства (Птица, Бавча, Грмушка, Пиргон, Чинар, Преспа, сите од 1976) на чудесен начин ги спојува енергиите на она од генезата (вода, дрво) со цивилизациското (стакло, селотејп, весници).
Пластичните кеси полни со вода од Преспанското Езеро и фиксирани на панелска плоча во објект-инсталацијата ‘Преспа’ и гуменото црево вдлабено во дрвена подлога на делото ‘Пиргон’ се минималистички пејзажи обмислени на софистициран начин.
Едноставноста на идејата и спонтаната изведба им овозможуваат и денес да ја носат аурата на актуелноста. Од овој период датираат и неговите ‘Списоци’ (1975), обични анотации кои, речиси, секој од нас ги пишува на мали ливчиња, пред да ги направи секојдневните набавки. Издигнувањето на списочињата, од најтривијални дневни дребулии, на ниво на ликовни концепти, е во природата на транслацијата на редимејдите во ликовни дела. Во случајов Узуновски е повеќе на страната на хоризонтализацијата на претставата особена за сликата, отколку на ниво на третата димензија“, пишува Абаџиева на својот Фејсбук профил.
Узуновски беше еден и од првите соработници на сценографот Крсте Џидродв-Џиби, во 1980-те години. Тие заедно работеле на 15-тина сценографии, а десеттото издание на Млад отворен театар се отворило токму со нивна заедничка изложба.
Неговото творештво на островот Капри, Италија е втора линија во неговиот израз. Неговите мотиви се концентрирани кон главните урбани знаци на местото што, барем во неговото сликарско творештво, со нивната повторливост и упорност во изнаоѓањето на нови мали елементи на новата варијација на основната визура, од нив создаваат мал мит за просторот.
Б. НЕСТОРОСКА