ОАЗА ФАТАМОРГАНА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:83:"Странскитеинвестициисамобинéпотресувале

    1. Во секоја несреќа има по малку и среќа. Ние мислевме дека сме многу несреќни затоа што странците кај нас не инвестираат. Излезе дека тоа било подобро. Видовте што им се случи на другите источноевропски земји во кои што има странски инвестиции? Сите имаа потреси на берзите. Паднаа акциите на Њујоршката берза, паднаа и кај нив. Така им треба. Капиталисти едни!
    Ако имавме странски инвеститори и кај нас ќе се почувствуваше потрес на берзата.Затоа не ми е јасно зошто Владата најавува програма за свртување кон странските инвестиции. Сакаат да нé направат нестабилни!? Сакаат да личиме на Полска, Унгарија, Чешка, или не дај боже Словенија!? Па после и ние да се тресеме на секое паѓање на акциите во Њујорк!? Вака ни е подобро. Немаме странци, ама затоа си живееме мирно. Ништо не нé потресува.
    Патем, би сакал да им се извинам на македонските брокери затоа што и јас бев еден од оние кои не веруваа во нивното предвидување за падот на Њујоршката берза. Кога би можеле само уште да предвидат кога ќе почне да функционира македонската берза. Или, не ги бива за предвидувања на долг рок.

    2. Прочитав дека германската групација “Фолксваген” сериозно размислува да се врати во Босна и Херцеговина. Веднаш се сетив на преговорите со “Ауди”. Замисли, “Фолксваген” во Босна, во државата во којашто се водеше војна, во која власта сé уште не функционира на целата територија, во која иднината на Федерацијата е сосема неизвесна.. . А ние, спастрена држава, центар којшто произведува стабилност во нестабилен регион, оаза на мирот. Оазите обично се појавуваат како фатаморгани. Да не мислат странците дека и оваа наша оаза е фатаморгана?

    3. Пред извесно време беше објавен податокот дека Словенија според бруто националниот производ по жител е подобра и од Грција и од Португалија, кои се членки на Европската унија и многу подобра од другите источноевропски држави кои се сериозни кандидати за преговори со Унијата. Добро, Словенија си е Словенија, таа беше најбогата и во времето од бившата СФРЈ, ама сепак, нели бевме во иста држава, нели и нив, како и  нас,  ги раководат луѓе кои и тогаш ја раководеа републиката, па сепак толку ни избегаа. Изгледа дека тие тогаш навистина сакаа да си одат од Југославија и сакаа да градат капитализам. А ние – моравме.

    4. Во серијата забавни судски процеси уште една интересна епизода е судењето на сопственикот на “Македонија реклам”, Зоре Блажевски. Баш добра финта – бараш екстрадиција од Словенија заради судење по едно обвинение, а кога ќе го добиеш бараното лице дома, му “стегнуваш” друго обвинение и судот го ослободува бидејќи можеш да му судиш само за обвинението за кое е испорачан. Тоа ти се вика правна сигурност.
    Имаме 128 таканаречени штедачи кај “газда Зоре”, ама тие не се сигурни ни за своите штедни влогови, ни за правдата. Зоре е сепак многу поважен од нив бидејќи тој најдобро знае кој му дозволил да ги собира парите, кој не му испратил инспекција, со чие знаење долго време работел како банка, а не бил регистриран за тоа, како успеал да затаи толку данок. Затоа има и правна сигурност. Така е тоа – што повеќе знаеш, толку можеш да  бидеш посигурен дека нема да заглавиш на суд.

    5. По ова, мислите ли дека некогаш ќе ги осудат актерите од аферата ТАТ? Не би било фер, сите да ги ослободат, а само нив да ги влечкаат по судови. А и зошто би ги суделе. Ионака сите ќе го плаќаме обештетувањето на измамените штедачи.
    Ако не успеат да им ги вратат сите пари сега, со законот што го донесе СДСМ, можеби ќе успеат во иднина, ако на власт дојде ВМРО-ДПМНЕ. Ете, луѓето потпишаа меморандум за соработка. Штедачите ќе гласаат за нив, а овие се обврзуваат дека ќе им ги вратат парите. Од каде? Се знае. Ќе им ги врати Мартин Треневски кој се потпиша како жирант. Не е Љубчо толку наивен да става потпис на нешто што не може да го оствари.
    Како и да ја завртиш работата, за да им се допаднат на оштетените штедачи и да ги престорат во гласачка машина сите ќе им  ветат дека ќе им ги вратат парите. А за да ги вратат, мораат некому да земат. Затоа очекувам наскоро да се потпише уште некој меморандум. На пример меѓу граѓаните што не штеделе со шпекулативни камати и некоја партија која ќе им вети дека ако таа дојде на власт нема да им зема од џебот за да им враќа на тие што штеделе во пропаднатите штедилници.

    6. Полицијата мораше да интервенира. Упати апел до тие што поседуваат оружје да се воздржат од пукање во затворени простории и на семејни веселби. Луѓето се избезобразија. Наместо по улици, пукаат по свадби и ноќни барови. И после МВР мора да арчи хартија да пишува апели.
    Бидејќи против нелегалното поседување оружје полицијата реши да се бори со апел, не би било лошо да се размисли за менување на начинот на нејзината работа. На пример, ако се случи некое убиство, полицијата не треба да спроведува истрага. Нека апелира до убиецот самиот да се пријави во најблиската полициска станица. Или, нема потреба да лови крадци. На еден културен апел, сите крадци би потрчале да се предадат на првиот позорникар.

    7. Идната недела во Стразбур, пред Палатата на Европа министрите Ханџиски и Унковски ќе ја постават скулптурата “Расцутување” на Петар Хаџи Бошков, како подарок на Македонија до Советот на Европа. Бидејќи скулптурата е метална и голема, нашите министри ќе имаат многу тешка работа. Можеби затоа и одат двајца. Ако им е многу тешко, зошто не го викнат на помош и поранешниот министер Фрчкоски. Тој барем се разбира во скулптури.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира