Изложба со дизајнирани производи инспирирани од орнаментиката во словенски ракописи од 13-17 век од Археографската збирка на Националната и универзитетска библиотека (НУБ) „Св. Климент Охридски“ во Скопје, се отвори денеска во библиотеката во рамки на Европската година на културното наследство.
На изложбата „Промоција на културното наследство на иновативен начин“, реномирани дизајнери и ракотворци претставија предмети создадени според елементи во ракописите на четири средновековни евангелија што се чуваат во НУБ.
Бенчевското четвороевангелие со минијатури од 14 до 16 век беше инспирацијата за архитектката Искра Јанковска-Михајловска и модната дизајнерка Лидија Георгиева, кои за нивниот бренд „Искра & Лидија блупринт колекшн“ ја изработија колекцијата „Вибрации во наследство“ составена од маици, перници и чаши со отпечатоци и во 3Д отпечатени подметнувачи за чаши.
Вруточкото евангелие од 13-14 век ја инспирираше филигран артистката Билјана Клекачкоска за колекцијата „Буквите се живи“, накит изработен од сребро во филигран техника.
Керакамика студио ги изработи „Четвороевангелските чаши“ инспирирани од декоративната орнаментика на Бенчевското, Струшкото, Вруточкото и Зрзевско четвороевангелие од 13 до 17 век, а од истиот извор произлезе и колекцијата „Ритамот на буквите“ на Шадија Дервишевиќ за брендот „Вул арт“ создадени во една од најстарите текстилни техники, пресуван филц.
Јасмина Главинче ја создаде колекцијата „Те(бе)“, графики инспирирани од буквите на Вруточкото евангелие, отпечатени на рециклирана и рачно изработена хартија.
Раководителката на проектот Елена Никодиновска на отворањето најави декаова е почеток на создавање серија сувенири кои ќе се продаваат во НУБ и дека на слични теми ќе продолжи соработката со другите македонски дизајнери и уметници.
Б. НЕСТОРОСКА