УЛТРАМАРТОНЕЦОТ ЃОРГИЕВ ДОПАТУВА ОД ШВАЈЦАРИЈА ЗА ДА ТРЧА ОД СТРУМИЦА ДО ГЕВГЕЛИЈА ЗА ПАЦИЕНТИТЕ СО ПУЛМОНАЛНА ХИПЕРТЕНЗИЈА

    УЛТРАМАРТОНЕЦОТ ЃОРГИЕВ ДОПАТУВА ОД ШВАЈЦАРИЈА ЗА ДА ТРЧА ОД СТРУМИЦА ДО ГЕВГЕЛИЈА ЗА ПАЦИЕНТИТЕ СО ПУЛМОНАЛНА ХИПЕРТЕНЗИЈАХуманитарното трчање е во организација на велосипедскиот клуб „Актив“ од Струмица заедно со Здружението на пациенти со пулмонална хипертензија „Момент плус“ од Гевгелија. - Ѓоргиев на маратон во Швајцарија (Фото: Фејсбук)

    Ултрамаратонецот Николче Ѓоргиев кој живее и работи во Швајцарија допатува во Струмица за да ја трча делницата до Гевгелија во должина од 50-тина километри за да ги потТикне македонските надлежни институции да им помогнат на пациентите со Пулмонална хипертензија. На негова иницијатива утре ќе се реализира маратонско хуманитарно трчање на кое ќе се приклучат 30-тина маратонци и велосипедисти од земјава кои од Струмица преку Валандово и Богданци до Гевгелија ќе трчаат за да се анимира ова ретка белодробна болест која пациентите ги остава без здив а во сопствената држава сè уште немаат терапија на позитивната листа.

    „Трчаме со Николче за Ѓургица“ е мотото на овој аматерски ултрамаратон кој треба да ја подигне свеста за ова ретка болест но, и за Ѓургица од Гевгелија која со години страда од ПХ.

    Во Македонија има околу 15-тина пациенти со Пулмонална хипертензија, иако нема официјален регистар колку лица има со ова ретка болест, вели Ѓургица Ќаева од Гевгелија за која ќе се трча. (Фото: Фејсбук)

    „Случајно ја запознав Ѓургица Каева и разбрав за нејзината ретка болест. Во Швајцарија учествував на еден маратон и го носев логото на ова белодробна болест. Желба ми е да ја анимираме јавноста дека ова болест постои и да ги разбудиме надележните за да им помогнат на овие пациенти, бидејќи ние спортистите добро знаеме како е да се остане без здив а камоли на овие пациенти кои секојдневно се соочуваат со овој проблем. Ова не е натпреварувачки маратон, ова е маратон за Ѓургица и сите кои страдаат од пулмонална хипертензија пред сè за да имаат подобра иднина“, ни изјави Николче Ѓоргиев, кој има 36 години и досега има учествувано на повеќе маратони.

    Хуманитарното трчање е во организација на велосипедскиот клуб „Актив“ од Струмица заедно со Здружението на пациенти со пулмонална хипертензија „Момент плус“ од Гевгелија. Како организатори сакаат на трката да им се приклучат повеќе граѓани и според своите можности да трчаат за пациентите кои секојдневно се соочуваат проблеми во дишењето.

    „Тргнуваме утре од плоштадот Гоце Делчев и поминуваме преку Валандово и Богданци за да стасаме во Гевгелија. Од Струмица ќе тргнат тројца маратонци но тие ќе бидат придружувани од нас велосипедистите. По пат очекуваме да ни се придружат и други тркачи и велосипедисти. Кој колку може нека трча. Важна е пораката што сакаме да ја упатиме“, ни изјави Кире Тасев од ВК „Актив“ од Струмица.

    Во Македонија има околу 15-тина пациенти со Пулмонална хипертензија, иако нема официјален регистар колку лица има со ова ретка болест, вели Ѓургица Ќаева од Гевгелија за која ќе се трча. Таа е уверена дека Министерството за здравство конечно ќе распише тендер за набавка на лековите потребни за овие пациенти.

    „Пред две недели имавме ветување од министерот за здравство дека овој проблем ќе се реши дефинитивно. Така што сите пациенти ќе имаат терапија независно од тоа дали болеста е примарна или е резултат на друго заболување. Сè уште има пациенти кои сами си ги набавуваат лековите со кои им се олеснува дишењето а се доста скапи“, ни изјави Ќаева која десетина години страда од ова болест.

    Министерот за здравство Венко Филипче вчера од Струмица истакна дека постапката е во тек и наскоро пациентите со ПХ ќе ги добијат потребните лекови на сметка на државата.

    Пулмоналната хипертензија е прогресивна болест предизвикана од стеснување на белодробната артерија која ги поврзува десната страна од срцето со белите дробови. Станува збор за сериозно заболување кое може да заврши и фатално за пациентите ако навремено не се открие и не се лекува.

    „Наш апел е навремено дијагностицирање и давање веднаш соодветна терапија оти за нас секој здив е предизвик. Доколку болеста прогресира, единствена шанса за преживување е трансплантација на белите дробови и срце а во Македонија според нашите сознанија добар дел од пациентите се млади луѓе“ ни кажа Ќаева која утре попладне на плоштадот во Гевгелија ќе ги пречека сите учесници кои ќе трчаат за неа и пациентите со ПХ.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира