Јавниот долг е под контрола годинава е направен сет од десет клучни реформи за подобар систем на јавни финансии и се спроведува постепена финансиска консолидација, рече министерот за финансии Драган Тевдоски.
„Јавниот долг е ставен под контрола. Во 2016 година јавниот долг изнесуваше 48,8 отсто од БДП, денес тој изнесува 48,2 отсто. Зголемена е довербата на инвеститорите, што влијаеше на намалување на каматната стапка и зголемување на рочноста на инструментите. Годинава издадовме 30-годишна обврзница, како и најуспешната еврообврзница досега со историски најниска каматна стапка од 2,75 отсто. Фискалната консолидација се спроведува постепено во насока на одржливост на јавниот долг. И следната година проектиравме понизок дефицит во однос на годинава, како процент од БДП, но и во апсолутен износ понизок“, рече Тевдовски.
Со буџетот за 2019 година, проектираните вкупни приходи се 210,8 милијарди денари, а вкупните расходи 228,5 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 3,2 отсто, а стапката на инфлација на 2 отсто. Дефицитот е проектиран на 2,5 проценти или 17,7 милијарди денари што е за 500 милиони денари помалку во однос на 2018 година.
Според него даночната реформа ќе се обезбеди фер даночен систем и постепена фискална консолидација. Пензиската реформа ќе го стабилизира ПИОМ и ќе го намали дефицитот во Фондот, додека реформата на социјалниот систем ќе овозможи гарантиран минимален приход и подобро таргетирање на социјалните трансфери.
„Прво направивме закон и платформа за задолжителна евиденција на заостанатите обврски од страна на институциите, општините, фондовите. Потоа пристапивме кон решавање на проблемот. Голем дел од обврските се сервисирани. Направивме законски механизми кои ќе спречат натрупување на нови обврски“, рече Тевдовски.
Тој рече дека системот за јавни набавки е усогласен со европските стандарди, како и дека Владата се бори против корупцијата преку мерките за спречување перење пари.
„Воведени алатки како претпополнета годишна пријава и други мерки кои ги олеснуваат постапките за граѓаните и фирмите. Постојано се работи на подобрување на фискалната транспарентност, како најдобар механизам за контрола на управувањето на јавните финансии. Платите заклучно октомври пораснаа за 5,7 отсто. Невработеноста е значајно намалена и се приближува до 20 отсто. Отворени се над 14.000 нови работни места. Странските директни инвестиции се значително повисоки во однос на минатата година. Индустриското производство во континуитет забележува добри резултати, а извозот има двоцифрен раст“, рече Тевдовски.
Тевдовски рече дека во Буџетот за 2019 година се предвидени покачување на платите во здравството, образованието, најмногу средства досега за активните мерки за вработување, повеќе средства за поддршка на претпријатијата, средства за крупни инфраструктурни проекти.
„Очекувам реформите преземени оваа година да дадат резултат во следната, односно платите да растат, невработеноста да се намалува, инвестициите да се зголемуваат, а јавниот долг да остане на контролирано ниво“, рече Тевдовски.
Е. БОЧВАРОСКА