Апелациониот суд Скопје ја укина пресудата од 9 години затвор за поранешниот помошник – министер во МВР Ѓоко Поповски за незаконска набавка на 300 возила за МВР, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од судски извори. Се укинува автоматски и обврската да му ја надомести штетата на МВР од 28 милиони денари во овој предмет на СЈО познат како „Триста“.
Пресудата на 22 мај му ја изрече судијката Добрила Кацарска. Апелациониот суд ја укинал пресудата и ја вратил на повторно судење во Основниот суд Скопје 1.
Поповски е вратен назад во затворот во Шутка на 12 декември, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот Ѓоко Котевски. Апелациониот суд Скопје му одредил, т. е. му ја продолжил на Поповски претходната мерка притвор за овој предмет поради опасност од бегство, која судот му ја одреди на барање на обвинителката Фатиме Фетаи, минута по изрекувањето на 9-годишната затворска казна.
Поповски во Шутка е вратен, т. е. земен од затворот Идризово, каде е на издржување на затворската казна за случајот „Тенк“, за незаконската набавка на луксузниот мерцедес за избеганиот осуденик Никола Груевски, со пари од МВР.
Притворскиот третман подразбира поинакви услови од затворскиот и има предност над него. Подразбира помал број на посети и активности на обвинетото лице. Поповски сега одново е обвинето лице во „Триста“.
Поповски, кога почна судењето лани, се изјасни дека е невин и оти очекува ослободителна пресуда за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластувања. Тој е осуден дека извршил набавка на 300 возила за МВР во периодот од 2008 до 2012 година, контра одредбите на Законот за јавни набавки. Според пресудата која сега е укината, тој го оштетил буџетот на МВР за 453.570 евра.
Кацарска при изрекувањето на пресудата потсети на доказите, односно посочи како дошло до тоа со потписот на Поповски да бидат прескокнати прворангираните, најевтините автодилери. Место најповолните понудувачи, Поповски ги офајдил поскапите, трето, четврто и петто рангираните економски оператори. Најголем ќар од парите на граѓаните добила „Порше Македонија“ (107.713. 800 денари), а потоа и Кадис, Бохемија, Автокуќа и други компании, сите трето, четврто и петторангирани на огласот.
С. К. ДЕЛЕВСКА